1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Десетина жртви во пожарите во Калифорнија

ЖА / агенции
10 ноември 2018

Најмалку девет луѓе не успеале да избегаат пред огнената стихија во Калифорнија, најдени се јагленисани во своите автомобили во малото гратче Парадајс. Според претседателот Трамп, за жртвите се виновни надлежните служби.

https://p.dw.com/p/380n7
USA | Waldbrände in Kalifornien
Фотографија: Getty Images/LA Times/W. Skalij

Речиси сите 26.000 жители на Парадајс се во бегство пред огнените јазици, најмалку деветмина не биле доволно брзи и изгореле во своите автомобили, но засега не е можно да се утврди нивниот идентитет. Властите велат дека 35 лица се водат за исчезнати, пеплосани се 35 куќи. Репортерите сведочат дека Парадајс, на 290 километри североисточно од Сан Франциско, е претворен во огнен пекол.

Waldbrände in Kalifornien
Фотографија: Getty Images/J. Sullivan

Поради ширењето на шумските пожари, извршена е евакуација на речиси 160.000 луѓе во целата сојузна држава Калифорнија, вклучувајќи го и крајбрежното место Малибу со 13.000 жители, каде живеат познати холивудски ѕвезди. Меѓу евакуираните се и Леди Гага и Ким Кардашијан. Во акција на гаснење на огнот се повеќе илјади пожарникари.

Пожарите избувнаа вчера во раните утрински часови и се шират со огромна брзина. Континуираните високи температури и сушата ја зголемуваат опасноста од избувнување оган на американскиот западен брег, а силните ветрови од близу 80 километри на час ја отежнуваат работата на противпожарните служби.

Бегство од пеколот

Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме вината за огнената катастрофа и жртвите во Калифорнија ја побара во неспособноста на надлежните служби.

„Не постои никаква друга причина освен лошиот менаџмент на шумските служби“, напиша Трамп на Твитер. Според него, годишно се плаќаат милијарди долари за заштита, а сепак загинаа толку луѓе.Трамп се закани со ускратување на сојузните финансиски средства. Во сојузната држава Калифорнија на власт се Демократите.