1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дерби кое доаѓа прерано

27 јуни 2010

Германија и Англија денеска играат во осминафиналето на ФИФА СП во фудбал. Мечевите на овие екипи на мондијалите секогаш биле исполнети со драматични моменти, спорни голови, а неретко за победникот одлучувале и пенали.

https://p.dw.com/p/O4NQ
Дали ќе може да помогне: Бастијан ШвајнштајгерФотографија: AP

Дуелите меѓу Англија и Германија не се нормални фудбалски натпревари. Тоа се судири на два вечни ривали, фудбалски „класици“, набиени со многу емоции, дуели за престиж. Колку e долга и комплицирана заедничката историја на двете земји, толку е долга и возбудлива историјата на фудбалското ривалство. Милиони Англичани од една и милиони Германци од другастрана денеска на улиците, во кафулињата и баровите со голема возбуда ќе го следат најновото издание на класичното мондијалско дерби, очекувајќи се разбира победа од својата репрезентација.

Дуелот со нетрпение го очекуваат двете репрезентации

За тоа се свесни и играчите кои денеска во 16 часот излегуваат на стадионот во Блумфонтеин.

„Не може да има ништо поубаво од дуелот Англија против Германија во недела попладне во 16 часот. Паблик вјуинг, скара. Текот на денот е предодреден од овој натпревар. Ние како играчи можеме само да се радуваме на такви големи натпревари“, вели капитенот на германската репрезентација Филип Лам.

Неговиот колега од англиската репрезентација, Стивен Џерард со слична изјава:

„ Има многу притисок и ситуацијата е напрегната бидејќи влогот е многу голем, но уште поголема е возбудата. И ние со задоволство го очекуваме тоа и едвам чекаме да излеземе на теренот и се надеваме да победиме“.

WM Südafrika 2010 Slowenien vs England
Англичаните се надеваат на РуниФотографија: AP

Изведувањето пенали кобно за Англичаните

Според фудбалските аналитичари и обложувалниците, Англичаните како благи фаворити влегуваат во натпреварот, пред се’ благодарение на искуството и светската класа на дел од нивните репрезентативци наспроти младиот и релативно неискусен германски тим. Меѓутоа мондијалската историја покажува дека на теренот е се’ можно. Таа вели дека на почетоците Германците морале да голтаат тешки порази, кои кулминирале во финалето на СП во Англија каде домаќините победија во финалето по продолженијата со 4:2 , при што кај третиот гол за Англичаните, што го постигна Џоф Хирст топката воопшто не ја мина гол линијата. Од тогаш натаму меѓутоа предничат Германците. На светските, но и на европските првенства тие имаат значително подобар биланс, а особено кобни за Англичаните биле дуелите кои се решавале со изведување на пенали, како оние на СП во 1990 и на ЕП во 1996 година. Легендарниот англиски напаѓач Гери Линекер, тоа фрустрирачко искуство го преточи во следнава реченица: „ Фудбалот е игра во која 22 луѓе 90 минути трчаат по топката , а на крајот секогаш победува Германија“.

Автор: СН/ЖА/дв

Редактор: Жана Ацеска