1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Meinung

9 август 2011

Што се промени за 10-те години од 11 септември 2001? На прв поглед малку, во реалноста, меѓутоа, многу. Став на Главниот уредник на ДВ Марк Кох..

https://p.dw.com/p/12Dgj

Десет години потоа, се чини дека ништо не се променило: Соединетите Американски Држави ги сметаат за одговорни за сета неволја во светот. Германија се занимава со самата себе си, ако се изземе дека по акцијата на командосите на САД, при која е убиен основачот на Ал Каеда Осама бин Ладен се огласија морално побунетите. Десет години по најтешкиот терористички напад во историјата се издаваат книги кои сакаат научно да докажат дека 11 септември не беше ден што го промени светот. Такви беспомошни обиди, една со човечки мерила одвај сфатлива катастрофа да се прогласи за било каков историски настан, се психолошки можеби разбирливи, но политички се погрешни, а морално се одбивни, оти 11 септември 2001 го промени светот како ретко кој друг ден во изминатата декада. Има едно пред- и едно по него. Денот претставува засек во чија длабочина потонаа длабоките претстави за светот, моделите на размислување и политичките теории. Многу од празнините кои настанаа, до денес се непополнети.

Ова пред се’ се однесува на Западот: во изминатите десет години тој премногу често предвремено, избрзано сигнализираше разбирање, наместо со јасни концепти и понуди да се исправи пред предизвикот од исламскиот терор и неговите поддржувачи. Еден од најапсурдните примери беше плашливата реакција на неколку лошо направени карикатури за пророкот Мохамед. Тој беше дури и надминат со дискусијата, што се распламти особено во Германија, дали е во согласност со меѓународното право убиството на масовен убиец како Осама бин Ладен, во чие име беше злоупотребена културата и религијата на исламот.

Deutsche Welle Chefredakteur Marc Koch neu
Главниот уредник на ДВ Марк КохФотографија: DW

Таквите дебати покажуваат колку силно атентатите од септември 2001 го растресоа западниот систем на вредности: Џорџ Буш помладиот - кој сосем сигурно не се вбројува меѓу извонредните претседатели на САД - два дена по терористичките напади рече: „Ќе ја браниме слободата и се’ што е добро и праведно“. Таа едноставна, но решавачка реченица во меѓувреме потона во праведната побуна против Гвантанамо, Абу Граиб и илјадниците мртви, што ги остави зад себе борбата против теророт. Денес врз недвосмисленоста и јасноста на неговата позиција е налепен срам. Тоа не е само подбив со жртвите на 11 септември, луѓето од Светскиот трговски центар кои мораа да се решаваат да изберат смрт во пламениот пекол или да се фрлат од 400 метри височина; тоа во крајна консеквенција ги заменува улогите на сторителите и на жртвите.

Се загубија од пред очи и категоричните, да се надеваме и веќе неповратните консеквенции на реченицата на Буш, дека Авганистан понатаму веќе нема да и’ биде препуштен на една фанатична банда на теократски човекомрсци, дека Ирак се ослободи од еден диктатор и се наоѓа на пат кон демократија. И револуциите на Блискиот Исток, конечно, се резултат на јасната и постојано повторувана определба за демократија и слобода.

Теророт, напротив, не смее да биде прифатен никогаш. Дури ни како „резервен јазик на насилството“, како што тој понекогаш е интерпретиран од луѓе со наводно многу разбирање. Специјалниот мултимедијален прилог на Дојче веле го покажува тоа во сите аспекти - во приказните за поединечни луѓе, за цели региони и за перспективите за нас сите, десет години по 11 септември, денот што го промени светот.

Автор: Марк Кох

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска