1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска е Бајрам

Горан Петрески23 октомври 2006

Денешниот ден за припадниците на исламската вероисповед во Македонија е неработен.

https://p.dw.com/p/Adbc
Фотографија: AP

Во 7 часот и 42 минути изутринава термин одреден според позицијата на сонцето почна бајрамската молитва на муслиманите во Македонија. Од тој момент кога голем број исламски верници во џамиите му се помолија на Алах се празнува Бајрам. Најголемиот муслимански празник на верниците во Македонија им го честита новиот поглавар на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи.

“Драги браќа денес во светот има голем број муслимани ,но ние мораме да бидеме свесни дека љубовта божја не се заслужува со количeство и со смешни форми, па честопати и провокативни. Таа љубов се заслужува само со квалитет и со негување на виситинските вредности. Алах го сака учениот и просветениот муслиман, кој што во секој миг е подготвен да им се спротивстави на тешкотиите и предизвиците на времињата што ги живееме“.

По триесетдневниот пост во месецот Рамазан, верниците вчера пазареа за денешната богата трпеза.

“Се подготвуваме, слатко нешто, жените прават баклави, повеќе купуваме, младите невести месат“, велат оние што празнуваат.

Домаќинките подготвуваат разни јадења, бајрамска пита со јајца и сирење, потоа богат ручек, супа, ориз со пилешко или телешко месо, некои куќи печат цели јагниња. Неизбежни се слатките. Баклава, кадаиф, разни торти.

“Баклавата се подготвува уште денеска, имаме фамилијарен ручек, а потоа чекаме гости“, вели една домаќинка.

За време на рамазанските пости кои се практикуваат од изгрејсонце до стемнување, верниците се воздржуваат и од јадење и од пиење, особено од грешни мисли. Постите важат и за децата, кои особено му се радуваат на денешниот празник.

“Јас утре ќе одам кај баба ми и дедо ми на гости да честитам Бајрам“.

Бајрам значи љубов кон ближните, простување на гревовите, помагање на беспомошните. Богатите им помагаат на сиромашните.

“На крај на Рамазан се плаќа Витар, тоа е помош, кој колку може од 100 до 200 денари, во зависност од можностите“.

Денешниот ден за припадниците на исламската вероисповед во Македонија е неработен.