1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократски соговорник - најважна улога на Европскиот парламент

27 мај 2009

Жан-Лук Сорон, професорот по европско право на Универзитетот Париз 9 – Дофин, во интервју за ДВ зборува за причините за слабата мобилизација на Европејците во пресрет на изборите и за влијанието на ЕП.

https://p.dw.com/p/Hy8g
Проф. Жан-Лук СоронФотографија: SAVOIR-FAIRE IMAGE & CIE

Господине Сорон, по успехот на Вашите две претходни книги, посветени на Европскиот устав (2005) и на Договорот од Лисабон (2008), со Вашата најнова книга „Се` што може да се знае за Европскиот парламент преку 30 прашања“, продолжувате да објаснувате како функционира Европската унија, поточно нејзините институции. Европските избори се за десетина дена, но се добива впечаток дека мобилизацијата на избирачите не е голема. Кои се причините за ваквата слаба мобилизација?

Мислам дека постојат две големи причини за воздржаноста на избирачите. Како прво, тие не го познаваат Европскиот парламент, не ги знаат неговите овластувања и не ја забележуваат неговата важност и важноста на неговите одлуки што се однесуваат на секојдневниот живот. Поради недоволната информираност, избирачите не успеваат да видат дека денес Европскиот парламент има големо значење, кое ќе биде уште поголемо откако ќе биде ратификуван Лисабонскиот договор.

Втората голема причина се самите политичари во земјите-членки, кои се обидуваат да создадат привид дека националните прашања се поприоритетни. Значи причината за слабата мобилизација на гласачите е непознавањето на Европскиот парламент и лошата реклама што ја прават политичарите, кои продолжуваат да тврдат дека проблемите треба да се решаваат на национално ниво, нешто што не е вистина за многу области.

Која ќе биде разликата меѓу Европскиот парламент што ќе биде избран на 7 јуни и последниов, чиј мандат истекува сега?

Потребно е да се направат две големи разлики. Првата голема разлика е дека законодавната власт и неговите надлежности уште повеќе се зголемуваат, особено во областите каде се донесуваат заеднички европски норми. Ова особено се однесува на правосудната и полициската соработка и кривичното право. Овие области сега преоѓаат во надлежност на Европскиот парламент, кој досега имаше мали овластувања. Сега тој ќе има исти надлежности и овластувања како Европскиот совет, во области кои се однесуваат на секојдневниот живот на Европејците, како на пример во сообраќајот, контролите, разводите итн.

Втората, и уште позначајна разлика, е вистинска новина - Европскиот парламент ќе се стекне со рамноправност со Европскиот совет при одлучувањето за буџетот на Советот. Тоа значи дека отсега за трошењето на буџетските пари нема да биде доволна само одлуката од Советот на министри. Меѓу овие трошоци се и средствата за заедничката аграрна политика на ЕУ.

Официјалната кампања за изборите само што започна, Вие сигурно ја следите со голем интерес овде во Франција и пошироко во Европа. Дали имаме една вистинска европска кампања?

Има две партии во Европскиот парламент кои се обидуваат да водат кампања на европско ниво. Европската социјалистичка партија и социјалдемократите во Мадрид усвоија заедничка програма на ниво на 27 земји-членки; и Зелените, еколозите, кои се обидуваат да усвојат заедничка платформа за сите 27 земји. Но евидентно е дека отсуството на мобилизација на избирачите му штети на лансирањето на вистинска европска кампања, со европска проблематика. Ова е така поради тоа што политичарите продолжуваат да се вртат во круг на национално ниво и не гледаат дека многу решенија за проблемите кои постојат можат да се најдат само на европско ниво. Другата причина за слабиот одѕив на кампањата е тоа што европејците не размислуваат на континентален план. Односно, тие не гледаат дека се потребни заеднички дебати на европско ниво. Мислам дека претставувањето на транснационални листи, кои би биле претставени во повеќе држави и за кои би гласале сите избирачи од сите земји-членки, сигурно би биле моторниот елемент за раѓање на вистинска јавна европска расправа. Ова ќе биде можно по спроведувањето на Лисабонскиот договор, кога ќе се овозможи европските граѓани да преземаат иницијатива. Тоа ќе дозволи, на пример, еден милион државјани од Европската унија, од најмалку пет или шест земји-членки, да постават прашање и да побараат акција од Комисијата. И тоа, би рекол, конечно ќе дозволи политичка дебата на европско ниво.

Но г-дине Сорон, од друга страна гледаме дека постојат противречности кај социјалистите на европско ниво. Некои социјалистички влади од ЕУ го поддржуваат претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо за втор мандат, додека социјалистичките партии како на пример француската, жестоко се против тоа. Дали самото ова не ја отсликува ситуацијата во која се води предизборна кампања на европско ниво?

Да и не. Во право сте кога зборувате за разликите меѓу социјалистичките влади и партии и кај европската социјалистичка партија. Владите на Португалија и Велика Британија ја поддржуваат кандидатурата на Баросо. Но, нивните партии ја подржуваат кандиатурата на социјалистот П.Н. Расмусен. Тоа е проблем на усогласување меѓу владеачкото мнозинство и владите.

Дали се можни изненадувања за време на изборите, поточно промена на актуелното мнозинство во Парламентот

?

Лично, многу стравувам од успехот на екстремистичките партии, посебно во земјите од Централна и Источна Европа, кои се тешко погодени од кризата. Ако дојде до тоа, по првпат од создавањето на Европскиот парламент и гласањето на општи избори, ќе се случи внатре во самиот Европски парламент да се создаде еден значаен блок на силна десница и евроскептици. Со оглед на начинот на кој се гласа во Европскиот парламент, ќе може да се очекуваат блокади при гласањето. Најмногу ме плаши токму засилувањето на бројот на екстремистите, но само во еден дел од Европа. Најверојатно нема да имаме иста распределба меѓу партиите. Така, третата по големина политичка група во ЕП, групата на Европските либерали и демократи, најверојатно ќе се подели - на една страна либералите, а на друга демократите. Затоа мислам дека ќе има изненадувања, како внатре во ЕП во прераспределбата на групите, но и вечерта на 7 јуни кога ќе бидат објавени резултатите од гласањето.

На што можат да се надеваат земјите од Балканот, односно дали нешто може да се промени за нив по европските избори?

Ако имаме состав, како што го опишав, со силна десница и ултра десничари, навистина стравувам дека ќе има големи потешкотии за влегувањето на земјите од Балканот во ЕУ, иако тоа и` е потребно на Европа. Поентата е дека проблемите на балканските земји и` се блиски на Европа, но не ја засегаат конкретно, тие се вистинска глупост и се резултат на недостиг на политичка визија на политичките елити. Зборувам за оние политички елити кои се против проширувањето кон Балканот, не зборувам за Турција бидејќи тоа е друг проблем, тие задаваат вистински удар на иднината на европскиот континент. Да се мисли дека овие земји треба да се остават надвор од границите на ЕУ, за да ги разрешиме нашите проблеми е многу тежок и сериозен недостиг во размислувањето и немање глобална визија.

Вие сигурно сте запознати со проблемот на името на Македонија, може ли тој проблем да биде решен за Македонија да напредува во европската интеграција?

Да, се надевам. Тука е и проблемот меѓу Словенија и Хрватска, проблемот со Кипар... Но проблемот со името на Македонија не е главната причина за доцнењето на Македонија. Таа е држава која требаше да го надомести доцнењето на економски план. Македонија го направи тоа во разумен, но доволно долг период. Македонија имаше и други важни проблеми за решавање, како тој со албанското малцинство, а не треба да се заборави и Охрдискиот договор по конфликтот од 2001 година. Тука е и организирањето на изборите, од кои само последните покажаа извесна регулираност. До неодамна постоеше реална загриженост за самата стабилност на земјата. Значи, Македонија не ја блокира само прашањето за името. Мислам дека Македонците сега се на добар пат.

Г-дине Сорон, дали можете да ни објасните кои се задачите на еден европратеник?

Европратеникот гласа за многу важни текстови, што се однесуваат на нашиот секојдневен живот. Тој се бори за буџетот, ја конторлира не само Европската комисија, туку тој во моментов е единствената политичка противсила на Европскиот совет и на европските држави и нивните влади. Тој треба да биде соговорник на избирачот, кој не знае на кого да му се обрати за да дискутира, спори или да му се објасни што се случува во Брисел.

Ако нешто треба да се побара од идните европратеници, тоа е да бидат врската меѓу европејците и ЕУ и да чујат што им велат нивните сограѓани за Европа. Од сите улоги, кои Европскиот парламент ги игра, улогата на демократски соговорник за населението од сите држави на ЕУ е неговата главна улога, која досега не беше ниту сериозно, ниту доволно исполента од европратениците.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска