1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократите излегуваат од битка за да влезат во војна

Ричард Вокер/Н. Домазетовиќ26 јули 2016

Оваа недела Хилари Клинтон треба да излезе од конфронтацијата со Берни Сандерс за да може да ја започне војната против Трамп. Но, материјалите објавени на Викиликс уште повеќе ги разгорија внатрепартиските превирања.

https://p.dw.com/p/1JW7L
Фотографија: Getty Images/D. McCollester

Оскар Салазар е лојален поддржувач на Берни Сандерс. На врелото попладне тој стои пред салата на градското собрание во Филаделфија каде се одржува конвенцијата на Демократската партија. Облечен во костум во боите на кампањата ги привлекува луѓето кои доаѓаат да се сликаат и патем му упатуваат по некој охрабрувачки коментар.

Оскар дојде во Филаделфија од малиот град Слипи Холоу во државата Њујорк. Тој ја следеше кампањата на Сандерс од првите редови и на митинзите секогаш доаѓаше облечен во украсниот костум. Но сега тоа е готово. Со поддршката која ја изрази кон Хилари Клинтон, Сандерс ги разочара своите најверни поддржувачи. „Не сакам да гласам за помалото од двете зла“, вели Оскар.

Тоа не го сака никој кој е присутен на конвенцијата на Демократската партија. Иако високите температури обесхрабрија многумина, речиси двестотини тврдокорни поддржувачи на Сандерс дојдоа на конгресот со цел на Хилари Клинтон срдечно да и го покажат средниот прст.

За време на кампањата за прелиминарните избори таа беше најголемото зло, непријател поголем дури и од Доналд Трамп. „Таа е олицетворение на едниот процент“, вели Карла Рејес. На транспарентот кој таа го носи пишува „И вака и така, Вол Стрит победува.“

USA Wahlen Parteitag der Demokraten in Philadelphia Sanders Unterstützer
„Не сакам да гласам за помалото од двете зла“, вели Оскар СалазарФотографија: DW/R. Walker

Сомневање за нефер игра

Многумина не веруваа дека победата на Клинтон над Сандерс беше фер. Впрочем, како може една обична политичка кампања против граѓанското движење кое го покрена Сандерс? Немаше сомнеж дека врвот на Демократската партија беше против него од самиот старт. Но сега постои сомнеж за прекршување на правилата, односно дека станува збор за изборна измама.

Доказ за тоа се 20.000 пораки од електронската пошта на врвот на партијата кои ги објави Викиликс во пресрет на почетокот на конвенцијата. Нивната содржина покажува дека претседателот на партијата Деби Васерман Шулц и нејзини блиски соработници очигледно ја преферирале Клинтон за време на прелиминарните избори.

Тоа можеше да се очекува имајќи предвид дека Сандерс во Сенатот не се декларира како Демократ туку како независен сенатор, што Демократската партија го доживеа како голем срам. По избивање на скандалот Сандерс побара оставка од Васерман Шулц, што таа и го стори. Сепак нејзиното име остана на легитимациите кои висеа околу вратовите на сите присутни на конгресот со кој таа требаше да претседава.

USA Wahlen Parteitag der Demokraten in Philadelphia
Конвенцијата на демократите во ФиладелфијаФотографија: DW/R. Walker

Докази за братска љубов?

Уште од почетокот на конгресот постојано се слушаа негодувања од публиката. Особено од поддржувачите на Берни Сандерс кои на секое спомнување на името на Хилари довикуваа кон сцената. Организациониот тим се обидуваше да ја смири публиката со песни од Сајмон и Гарфанкел бидејќи Сандерс ја користеше нивната музика за време на кампањата и во своите реклами. Со музика од истите автори беше најавен и спектаклот на вечерта, говорите на Мишел Обама, Елизабет Ворен и Берни Сандерс. Овие говори ќе го одредат тонот за деновите што следат, односно дали конгресот ќе се одвива во знакот на единство или на поделби.

Првиот говорник, Мишел Обама е поставена над партиските конфронтации, па затоа и „свиркачите“ во публиката не се осмелија да ја прекинат. „Кога Хилари изгуби пред 8 години, таа не се налути ниту ја изгуби својата визија“, рече таа во својот говор упатувајќи на Берни Сандерс. „Поради Хилари Клинтон моите ќерки и сите наши синови и ќерки ќе знаат дека жена може да биде претседател на САД“, продолжи таа.

За некои од левото крило, вториот говорник Елизабет Ворен беше идеален кандидат. Таа претходно даде силна поддршка за Клинтон, а истото го стори и за време на нејзиниот говор со што испровоцира негодување и свиркање од публиката. На секое споменување на името на Клинтон и нејзиниот избраник за заменик претседател Тим Кејн се засилуваше незадоволство и свиркањето од публиката.

Сандерс исвиркан од фановите

Кога конечно дојде редот за говорот на Сандерс, тој во свој стил на сцената се појави со музиката на Симон и Гарфанкел. Говорот го започна со набројување на успесите на неговата кампања. „Сакам да им се заблагодарам на сите 13 милиони гласачи кои гласаа за политичка револуција - со што добивме 1.846 делегати вечерва.“ Тој додаде „Ги очекувам вашите гласови утревечер“. Со тоа предизвика восхит кај делегатите кои се одлучни нивниот глас да го дадат за него, колку и да е тоа бесполезно.

USA Nominierungsparteitag Demokraten
Берни Сандерс на конвенцијата побара поддршка за КлинтонФотографија: Reuters/S. Audette

Сандерс испровоцира исвиркување од публиката кога кажа дека „секој објективен набљудувач ќе заклучи дека, врз основа на нејзините идеи и лидерство, Хилари Клинтон мора да стане следниот претседател на САД.“

Сепак, во продолжението на својот говор, Берни Сандерс имаше со што друго да го подобри впечатокот пред присутните делегати, особено со Платформата на Демократската партија – која се состои од политики кои слободно може да се наречат „најлевичарски“ во историјата на партијата. Тие вклучуваат бесплатно високо образование за студентите од средната класа, до 15 долари минимална саатнина, како и реформа на банкарскиот сектор. Ова е победата на кампањата на Сандерс за која малкумина знаат.

Застрашувачкот непријател на слободата“

Според Џенифер Род, обединувачката сила доаѓа однадвор. Таа вели дека сè станало јасно за време на минатонеделниот конгрес на Републиканците кога целата партија се обедини околу Трамп. „Помислив дека господинот Трамп е застрашувачкиот непријател на слободата.“ Ја прашавме што мисли за материјалите објавени на Викиликс? „Воопшто не бев изненадена. Тие не открија ништо ново, ниту успеаа нешто да променат. Разочарана сум што демократскиот процес не е толку демократски колку што би сакала да биде.“

Сепак, за тврдокорните поддржувачи на Берни Сандерс тоа не е доволно. Во својот декориран костум на врелото пладне Оскар Салазар размислува да премине во редовите на Зелената партија. „Ја набљудувам Џил Стајн. Таа има исти идеи како Берни и чувствувам дека повеќе ми се обраќа.“

Многумина присутни го делат мислењето на Оскар. Тоа се добри вести за Џил Стајн, но што тоа ќе значи за Клинтон? На изборите во 2000 година, нејзиниот претходник Ралф Нејдер беше перцепиран како некој што му ги краде гласовите на Ал Гор со кои би можел да го победи Џорџ Буш. Тие избори останаа како лекција за опасноста од третите партии. Како што ја напушта борбата со Берни Сандерс, ова влегува на листата опасности со кои Хилари Клинтон ќе мора да се соочи во војната со Доналд Трамп.