1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дел од визиите за Македонија се остварија

8 март 2011

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, како учесник во клучните процеси на осамостојувањето на Македонија за Дојче веле отворено зборува за рефередумското трик прашање, за албанското прашање и за проблемот со името.

https://p.dw.com/p/R6ph
Љубчо ГеоргиевскиФотографија: AP

Можеби еден од најконтроверзните политичари на македонската сцена е почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски. Оспоруван и негиран веројатно исто колку и обожуван и идеализиран. Две децении бурно политичко делување и куса пауза како почесен лидер. Неговата визија за македонска фудбалска репрезентација и самостојна валута стана реалност, но Македонија заглави на патот кон остварување на следните цели. Денес Георгиевски најавува активирање во политиката преку ВМРО- Народна. Најмногу од се’ бидејќи не е задоволен како се развива Македонија.

„На прво место сите сме незадоволни од економскиот живот. Потоа има незадоволство што сметам дека Македонија се’ уште не е доволно демократска држава и трето што мене многу ми пречи е тоа што чувството за македонска државност се испреплетува со југословенизмот и југоносталгијата“.

Dolmetscher übersetzt für Solana und Georgievski
Љубчо Георгиевски и Хавиер Солана во 2002 година во СкопјеФотографија: AP

Поранешниот македонски премиер со носталгија се присетува на годините кога се удираа темелите на самостојна Македонија. Со жар зборува за референдумската бина и шампањското со кое младиот долгокос политичар наздравуваше со прекалените политички борци. Дали референдумот ќе успееше, ако не беше оставена можноста Македонија да стапи во сојуз со останатите Ју републики и кој го смисли тоа трик прашање? „Тоа беше добра игра, која претпоставувам ја измисли г-динот Киро Глигоров, бидејќи претпоставувал дека тоа полесно ќе го залаже народот отколку само самостојна Македонија што во тоа време изгледаше страшно.“

Нерасчистена дилема

Своевремено најголемиот македонски патриот непоправливо ги разочара дури и најслободумните сонародници со никогаш не расчистената дилема дека поседува бугарски пасош.

Кога ја анализира сопствената улога во вкупните постигнувања на државата како најкрупни грешки ги посочува ненавременото увидување на албанскиот проблем за да се спречи тоа да ескалира во конфликтот од 2001 и проблемот со името. Од денешна дистанца има прилично флексибилен став во однос на спорот со Грција. Според Георгиевски Македонија треба веднаш да прифати промена на името за да влезе во НАТО и ЕУ.

Георгиевски е голем песимист по прашањето за перспективите на Македонија, ако земјата во догледна иднина остане надвор од НАТО и ЕУ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска