Делегација на МПЦ утре кај Вартоломеј
20 февруари 2007Македонската православна црква заслужува афтокефален статус под уставното име – со овој став владиците Тимотеј и Наум, утре ќе настапат на средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариград. Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан ги испраќа со голема доза оптимизам во оваа црковно-дипломатска мисија што на МПЦ треба да и обезбеди поддршка во битката за сопствената позиција во православието. Г.г.Стефан изјави:
“Ние веруваме дека нашето одење ќе има позитивни резултати, инаку нема логика до Цариград и да одиме и за Москва и по сите други православни центри. Наше е да чукаме по вратите, а каде ќе ни отворат ...ќе биде за доброто на МПЦ. Наше е да ја запознаваме православната јавност за вистината на МПЦ, за неправдата која се врши, затоа што ние ништо ново не направивме од она што го направија претходно некои православни цркви, и овде во нашето соседство, и подалеку.„
По посетата на Цариград, следна дестинација е Москва, вториот голем православен центар. МПЦ побара прием и од рускиот патријарх, Алексеј. Теолозите ја поздравуваат акцијата на МПЦ за обезбедување поддршка, но не очекуваат премногу. Александар Ивановски вели:
“Црквата е едно тело. Непризнатиот статус на МПЦ треба да ги засега сите православни цркви. И Вселенскиот патријарх и рускиот патријарх, познавајќи ги каноните, би инсистирале прво на нив. Тие насочуваат прво да се воспостави дијалогот со мајката црква, значи со Српската православна црква. Меѓутоа во историјате не е туѓо афтокефалност да се побара и од друга црква, што веќе има афтокефалност. Дури и самата Српска православна црква во 1219 година својата афтокефалност ја добива не од Цариград, туку од Никеа.“
Иако не по волјата на МПЦ, се очекува во Цариград да биде отворено и прашањето за Вранишковски, бившиот владика кој е во затвор за финансиски малверзации. Вселенската патријаршија веќе побара негово ослободување, а српската црква неговата слобода ја намтнува како услов за продолжување на дијалогот со МПЦ. Пред 4 месеци како импулс за одмрзнување на односите и продолжување на преговорите за решавање на спорот што трае со години, МПЦ испрати писмо до српскиот патријарх Павле, кое до денеска остана без одговор.