1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Делегација европарламентарци во Скопје

Горан Петрески30 јануари 2007

Дебатата за односите меѓу Македонија и Европската унија што во Скопје ја водат група европарламентарци и македонските политичари се претвори во апели ДУИ да се врати во парламентот и во дилеми дали Грк може да го води мешовитиот парламентарен евро македонски комитет.

https://p.dw.com/p/AdZi
Скопје
СкопјеФотографија: DW

Без политички дијалог Македонија неможе да оди напред кон Европската унија, порачаа европаралемантарците кои се во посета на Скопје „Прашањето за ДУИ не е тема на овој состанок но важно е да се забележи дека за Европската унија и за Европскиот парламент особено за оние како што сум јас и мојата група која целосно ги поддржува напорите на Македонија за влез во ЕУ, треба да се осигура дека најважниот елемент од вашиот влезен билет во Унијата е стабилноста базирана на охридскиот договор“, рече Јан Виерсма холандски пратеник во европскиот парламент.

Надеж дека политичкиот дијалог ќе се деблокира во име на македонската влада, изрази вицепремирката Габриела Коневска Трајковска „ Дека наскоро ДУИ ќе го приспита својот неодамна искажан став за неучество во парламентот и ќе има конструктивен однос со цел да учествува активно во политичкиот живот на Република Македонија.“

Европретставникиот во Македонија Ерван Фуере ги повика опозиционерите од албанскиот политички блок да се вратат во парламентот. „Верувам дека во нормални демократски општества за зборот бојкот и за практикувањето бојкот едноставно нема место во политичкото делување. Нашиот повик до сите политички партии е да завршат со таквата пракса и бојкото да го испратат онаму каде што припаѓа. Во кантата за отпадоци на историјата“, кажа Фуере.

Во име на Германија како земја претседавач со Европската унија политички дијалог побара Елизабет Мулер од германската амбасада во Скопје. „За да биде ефикасно спроведувањето на договорот од Охрид потребно е тоа да се темели на најширокиот можен политички договор како и на целосна доверба во спроведувањето на Бадинтеровиот принцип“, изјави Мулер.

Македонските парламентарци од опозицијата го отворија прашањето дали грчки пратеник треба да претседава со мешовитиот македонско - европски комитет. Либерал демократот Андреј Жерновски побара Георгис Караџаферис да не биде претседавач. „Ќе биде многу подобро за успешно функционирање на овој мешовит парламентарен комитет да се додека не се решат билатералните несогласувања или билатералнотот несогласување бидејќи е едно помеѓу република Македонија и Република Грција, да копретседавач од страна на европскиот парламент биде претставник од некоја друга земја.“

Во одбрана на грчкиот европарламентарец застана неговиот словенечки колега, Јелко Кацин реплицирајќи им на домаќините „Верувам дека вашите први соседи Грците и грчките европарламентарци имаат интерес да ве поддржат и да ви помогнат, па би сакал да подвлечам дека секој од нас, целата делагација претставува пријател, промотор на ПЈРМ и нашиот грчки претседавач не би се противел кога јас би рекол дека вие сте Република Македонија бидејќи мојата земја ве признава под ова име“, изјави Кацин.

Европарламентарците и денеска се во Скопје. Се очекува да усвојат декларација во која ќе биде оценета македонскта позиција на европскиот пат и ќе бидат посочени приоритети се забрзување на приближувањето.