Деветгодишнина од Охридскиот договор
13 август 2010Вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор Абдулаќим Адеми оценува дека досега добро тече имплементацијата на договорот, зад кој стои и меѓународната заедница и придонесува кон евроатлантските интеграции на Македонија. Во согласност со стратегијата на Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор, нагласи тој, главна активност и во иднина останува исполнување на обврската за правична застапеност на сите ентички заедници во државната администрација. Тој најави дека Секретаријатот за спроведување на Рамковниот наскоро ќе усвои и акционен план за имплементација на Законот за употреба на јазиците, кој е исто така еден од приоритетите.
Поддршка од меѓународната заедница
Амбасадата на САД и мисиите на ЕУ, НАТО и на ОБСЕ вo Македонија и оваа година го нагласија значењето на Охридскиот договор. Охридскиот рамковен договор и релевантните уставни одредби остануваат неопходни во градењето мирно, правично и сплотено мултиетничко општество, се вели во заедничката изјава на Делегацијата на Европската унија, Штабот на НАТО во Скопје, Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на САД.
Свечен прием по повод годишнината од Рамковниот договор
Македонската влада и годинава организира свечен прием по повод годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. На приемот во хотелот Александар Палас, поканет е државниот врв, владини функционери, дипломатскиот кор, политички партии и претставници на невладиниот сектор. Присуството досега го потврдиле претседателот на државата Ѓорге Иванов и повеќе амбасадори. Според програмата подготвена од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, денеска се организираше и трибина насловена „Рамковниот договор денес и во перспектива“ на која учествуваа претседателот Иванов, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Адеми и двајца професори.
Рамковниот договор, на 13 август 2001 година, по повеќедневи усогласувања во Охрид, беше потпишан во Скопје од тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Во својство на гаранти, документот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Автор: ТТ/ ЖА/ миа/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска