1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дебата за стратегија за името

15 јуни 2009

Македонскиот парламент денеска расправа за државна стратегија за спорот со името. Во документот се посочува дека предмет на разговорите со Грција е само изнаоѓање решение за име кое ќе ја замени привремената референца.

https://p.dw.com/p/I9tg
Македонскиот парламентФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонскиот парламент денеска би требало да усвои „Предлог – државна стратегија за решавање на разликите со Грција во врска со името на Македонија“. Таа произлегува од резолуцијата за грчко-македонските односи, усвоена во законодавниот дом во ноември 2008 година. Тогаш се водеше долга и спротивставена дебата меѓу пратениците. Со новата стратегија за првпат ќе се изгради единство во државата, за тоа кои се појдовните основи, кои се принципите врз кои се потпираат активностите на земјата, смета авторот на стратегијата Стојан Андов. Според него овој документ им дава одврзани раце на владата и преговарачите да договараат компромисно име и да не се предизвика промена на уставот, што Македонија еднаш го направи под притиоск на ЕУ и Грција пред 17 години.

Првите меѓупратенички договорања покажаа дека собранискиот консензус за стратегијата околу името ќе се тестира преку дилемата-дали да се организира референдум за новата референца околу името? Авторот на стратегијата смета дека меѓудржавните документи не треба да се гласаат на референдум. Наспроти него, пратениците од владејачката партија инсистираат граѓаните да решаваат на референдум. Со таква иницијатива, во последен момент ВМРО-ДПМНЕ излезе со амандман. Премиерот Никола Груевски уште еднаш повтори дека граѓаните ќе го имаат последниот збор при носењето на круцијалните одлуки за Репбулика Македонија.

За и против референдумот се водат јавни дебати и меѓу експертската јавност.

Новата парламентарнна дебата за грчко-македонскиот спор се актуализира пред новата рунда преговори со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска