1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нѐ тераат да ја докажеме нашата тага“

Андреа Грунау
24 март 2017

Ќерка ми слушнала за падот на авионот на телевизија, сопругата ме замоли да дојдам дома. Попладнето на вратата ни заѕвони душегрижник. Во тој миг за нас застана сѐ. А кога повторно тргна, ништо веќе не беше како порано.

https://p.dw.com/p/2Ztkd
Germanwings Flug 4U 9525 Neuer Bericht
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Estevez

Волфганг Бекер и неговата сопруга (имињата се променети), втората годишнина од несреќата на авионот на Џерманвингс ја минуваат во Ле Вернет, на француските Алпи. Тие ќе бидат во близина на местото каде што загина нивниот син Андре на 24 март 2015 година, кога летот бр. 4У9525 се урна во 10 часот и 41 минута. Во авионот имаше 150 луѓе кои патуваа од Барселона до Диселдорф. Француските и германските иследници веруваат дека копилотот на авионот Андреас Лубиц намерно го урнал авионот. Заедно со него животот го загубија уште 149 лица од 21 земја.

ДВ: Како сте?

Волфганг Бекер: Како сум? Нашиот син Андре и 148 други беа убиени. Во смрт ги однесе пилот кој изврши самоубиство. Од овие околности не може да се избега ниту по две години. Едноставно мора да се обидете и да најдете сила повторно.

Кога се случи тоа, паднавме во голема дупка – едноставно функциониравме, но немавме мир. Никој не знаеше на почетокот: зошто се случи ова? Рековме никој не може да ги обвини пилотите, и тие сакаа да се вратат дома исто така. Подоцна излезе дека копилотот намерно го насочил авионот во планината.

Бевме уништени, паднавме во дупка без дно. Она што боли најмногу е дека личност со одговорност кон други ги злоупотреби оние над кои имаше контрола и што одговорните не биле во состојба да препознаат дека таа личност не е способна да управува летало. Ова е тотална катастрофа и ќе остане со нас до крајот на нашите животи.

Како дознавте за несреќата?

Мојата ќерка слушнала на телевизија. Сопругата ми рече да дојдам дома. Доцна попладнето душегрижник заѕвони на ѕвончето. Тогаш светот престана да се врти. Од тогаш ништо не беше како претходно. Одлуката на една личност го одзеде животот на нашиот син, на другите со него и нивните семејства. Тоа е како поплава која доаѓа одеднаш и го урива мостот кој сакате да го поминете. Мора да се надевате дека ќе најдете нов начин. Андре нема да се врати, го знаеме тоа, но многу работи не се решени. Семејството Лубиц одржува прес-конференција. Дали можеби ќе тврдат дека нивниот син не бил воопшто во кабината? Тоа е шлаканица и навреда за сите роднини и за загинатите патници.

Jahrestag Germanwings-Absturz
„Она што боли најмногу е дека личност со одговорност кон други ги злоупотреби оние над кои имаше контрола и што одговорните не биле во состојба да препознаат дека таа личност не е способна да управува летало“Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Nogier

Кога обвинителите објавија дека виновен е само копилотот Андреас Лубиц, дали тоа значеше крај на овој случај?

Не. Како роднини, сакаме Луфтханза јасно да каже: ова е слабата алка во синџирот, не успеавме да го отстраниме копилотот од системот во раната фаза. Не кажувајте дека тоа е само вина на Андреас Лубиц за сите други да можат да се исперат од вината. Секој прави грешки, но важно е да се признаат грешките.

Како роднини сме на процена, ние редовно мораме да ја докажуваме нашата тага и болка преку процена – само тогаш добиваме компензација. Бев на рехабилитација и тоа ми помогна, но мојата внатрешна болка остана. Мора да се бориш да не го поправаш тоа со алкохол, да не бидеш депресивен за да можеш повторно да работиш. Не може да кажете дека некоја личност тагува 80%, друга 25%, а некој трет 36%. Сите имаме иста судбина – доживеавме катастрофа во нашите животи. Никој не може да ги врати нашите деца, но овој правен спор мора да заврши. Шпанија има поинаков авијациски закон, со кој роднините добиваат повисока компензација, без да треба да дадат било каков доказ. Во Германија, жртвите се проценети на 10.000 евра. Во САД се добива толку доколку сте сопственик на дизел автомобил со „софтвер-измамник“. Дали сакаат да споредат убиен роднина со тоа? Тоа е срамно.

Нам не ни е до парите, туку до добивање на признание. Нашата судбина, нашата тага не може да биде вреднувана со пари. Тоа е потребано само за намалување на ударот за оние кои не можат да работат повеќе или кои морале да ги затворат своите бизниси. Толку долго ни беше лошо што мојата жена не може да се врати во својата професија. Јас морав некако да поминам низ тоа, инаку не би можеле да ги плаќаме сметките.

Со сите овие националности во авионот и земјите кои тоа ги засега, не може едноставно да се компензираат Шпанците, а да се издвојат Германците. Има дополнителни штети. Како роднини сакаме ова да заврши, за да можеме да имаме мир и да се посветиме на тагувањето.

На годишнината од несреќата повторно ќе бидете во Франција. Колку е важно тоа за вас?

Таму ни е најдобро, ќе бидеме со други кои се во иста позиција – кои поминале низ истиот вид на духовно водење. Можеме да ги споредуваме забелешките и да бидеме заедно. Деновите пред одењето се тешки, мора да собереме сила. И деновите потоа се исто така тешки. Кога ќе се вратиме дома во сабота, на нас тројца ќе ни требаат околу четири денови за некако да се вратиме на старата патека.

Ле Вернет е убаво и мирно место, настрана од врева и гужва. Местото не го заслужува тоа што му се случи. Мојата сопруга и јас таму се чувстуваме смирени. Се чувствуваме поблиску до нашиот син. Таму има убава соба за молење и камен споменик на гробиштата. Таму патуваме два пати во годината. Кога ние двајцата сме сами таму или одиме како семејство, тогаш можеме повеќе да размислиме за сѐ.

Затоа што дома многумина не можат да се носат со тагата?

Точно. Според многумина од оние кои нѐ опкружуваат дома, поминати се две гоини, па затоа не би требало да драматизираме околу тоа. Но, за нас тоа не е толку далеку во минатото. Само со други роднини или во групи за поддршка може да се чувствуваш слободен да зборуваш за тоа и да плачеш. Сепак, тоа веќе не можеме да го правиме надвор од таа средина. Дури и на работа, веќе нема разбирање.

Поминаа две години, но сѐ уште сме во вакуум, затоа што не можеме да повлечеме линија на сѐ што се случува и да се посветиме на тагување. Наутро појадуваме и слушам на радио дека семејството Лубиц ќе одржи прес-конференција. Одам во пекарницата и читам за тоа во весниците.

Квалитетот на нашите животи никогаш нема да биде ист како порано. Иднината на нашите деца им беше украдена. Над сѐ што некогаш било забавно сега демнее сенка.

Überführung der Germanwings Opfer
„Иднината на нашите деца им беше украдена“Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch

Што сакавте да правите со Вашиот син?

И двајцата многу сакавме фудбал – заедно игравме и ја следевме Бундеслигата и Лигата на шампионите. Веќе не можам да гледам. Ни недостига на појадок, на вечера и музиката која ја слушаше многу гласно.

Дали сите бевте на психотерапија?

Да. Навистина исцрпува. Се обидуваме да ги наполниме батериите преку рехабилитација, духовно водење и посетуваме група со родители кои ги загубиле своите деца. Имаме уште 20 до 30 години од животот. Мора добро да ги структурираме, тоа би го сакал нашиот син. Се обидуваме да продолжиме за него. Го истетовирав неговото име на моето тело, тоа навистина ми помогна.

Интервјуго во водеше Андреа Грунау