1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два чекора до амнестија, две неизвесности потоа

14 декември 2018

За да се имплементира законот за амнестија, Обвинителството треба да го преквалификува делото за кое сега ги товари обвинетите - терористичко загрозување на уставниот поредок. Дали Иванов ќе го потпише законот?

https://p.dw.com/p/3A5h5
Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Два чекора ги делат дел од осомничените, обвинетите и осудени за настаните од 27-ми април од најавената амнестија. Усвојување на предлог-законот подготвен од подгрупата на собраниското тело за помирување, реформи и интеграција, и прекфалификување на делото за кое сега ги товари Обвинителството. 

Иако од Обвинителството не се изјаснија како ќе постапат, сосема е извесно дека ќе мора да повлечат потег, бидејќи законот за амнестија ќе биде донесен пред деновите за завршни зборови во судскиот процес за 27-ми април. Со оглед дека на амнестија не може да подлежат лица осудени за кривични дела против државата (член 305-327 од Кривичниот Законик), се очекува делото со кое Обвинителството сега ги товари обвинетите  - терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313) да биде преквалификувано во друго. Во спротивно, Законот за амнестија не би можел да се имплементира. 

Повеќе: 

И затворениците бараат амнестија - ќе штрајкуваат со глад!

И други затвореници бараат амнестија

Пријавување за амнестија

Иако јавноста го толкува и доживува предлог-законот само како алатка за амнестија за неколку обвинети пратеници од опозицијата, неговиот опфат е многу поширок. Со одредбите на законот би биле опфатени над 30 лица од речиси 70 кои се осомничени, обвинети, осудени, или се во процес на жалбена постапка за пресудите изречени за „крвавиот четврток“. Низ „филтерот“ на законот ќе поминат сите кои не извршиле никакво насилство, кои не го подготвувале и организирале упадот во Собранието, и кои не се гонат по командна одговорност. Таквата разлика меѓу оние кои се нарачатели и организатори и оние кои не биле дел од таа мрежа, им носи амнестија на над 20 лица од вкупно 33 кои сега се гонат за загрозување на уставниот поредок (чл.313). Но им носи амнестија и на повеќе од десетина лица кои беа обвинети за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службена должност“ (член 384). Законот нема да ги опфати седумтемина осудени за обидот за убиство на Зијадин Села, 12 лица обвинети за кривично дело насилство, и оние се гонат по командна одговорност - полициските функционери. Сите други, во согласност со рок определен во законот, треба самите да се пријават дека бараат амнестија.

Засега не е извесно колку од оние кои го поминуваат законскиот филтер ќе се пријават, со оглед дека некои од нив претходно јавно изјавуваа дека „не сакааат амнестија, туку сакаат својата невиност да ја докажат пред судот“.

Mazedonien Proteste im Parlament
Низ „филтерот“ на законот ќе поминат сите кои не извршиле никакво насилство, кои не го подготвувале и организирале упадот во Собранието и кои не се гонат по командна одговорностФотографија: Reuters/O. Teofilovski

На последен „преглед“

Текстот на законот што го подготви поттелото за помирување, денеска треба да биде разгледан од Координативното тело за реформи и интеграција, за да може официјално да биде поднесен и ставен на дневен ред најрано на седница во понеделник, 17-ти декември. Во случајов, станува збор за трка со времето, со оглед дека наредната недела во Кривичниот суд финишира судскиот процес за 27-ми април и Обвинителството веќе најави завршни зборови, по што би следело и објавување на пресудите.

Јавноста веќе е поделена по ова прашање. Дел благонаклоно гледа кон амнестијата на оние кои не учествувале во насилствата, дел сметаат дека амнестијата не смее да биде делумна и селективна, туку да важи за сите, а трети целосно се противат на каква било амнестија.  

Помирување, а не амнестија

Амнестијата како прв чекор кон помирувањето, беше едно од барањата на осумте пратеници од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата кои го поддржаа отварањето на процесот на уставни измени. Нивната матична партија ВМРО-ДПМНЕ, која ги исклучи од членство, побара амнестија за сите инволвирани во настаните од 27- ми април, но тој предлог парламентот не го прифати. Сепак, се очекува опозициската ВМРО ДПМНЕ да даде подршка на овој закон, и покрај несогласувањето со селективна амнестија.

Можни опструкции

Селективната амнестија наиде на многу забелешки и критики во правни кругови, но и на неформални најави дека таквиот закон би можел да биде оспорен пред Уставниот суд. Втората неизвесност доаѓа од прашањето дали претседателот на државата, Ѓорге Иванов, ќе го потпише овој закон. Никој и не сака да прогнозира како би постапил тој. Некои се надеваат дека нема да го кочи барем овој процес, други сметаат дека е склон кон нови опструкции, особено пред крајот на мандатот. 

Повик да не го потпишува веќе му испратија семејствата на осуденици во македонските затвори. Затворениците штрајкуваа со глад барајќи општа амнестија за сите дела кои ги дозволува Уставот, а казните на доживотен затвор да бидат преиначени во казни на одреден број години. Откако барањето беше јавно отфрлено, нивните семејства со писмо го повикаа Иванов „да не потпишува закон за амнестија кој ќе биде дискриминирачки, кој создава впечаток дека определена група на граѓани се повластени и за нив може да се носи закон за амнестија, а дека другите осуденици се граѓани од втор ред“. Тие го повикаа и Уставниот суд - да не аминува политички таков дискриминирачки закон.