1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

210310 Ban Ki Moon Gaza

21 март 2010

При посетата на Појасот Газа, генералниот секретар на ОН го повика Израел да ја укине блокадата кон Појасот. Неговата изолација предизвикува „неприфатливи човечки страдања“, истакна Бан Ки Мун во Кан Јунис.

https://p.dw.com/p/MYd4
Бан Ки Мун повика за укинување на блокадата кон Појасот ГазаФотографија: AP

Бан Ки Мун ова во повеќе наврати и` го кажал и на израелската влада.

„Ваквата политика е контрапродуктивна. Ја оневозможува легалната трговија и наместо тоа, го стимулира шверцувањето. Ваквата политика им дава поттик на екстремистите“, истакна Бан Ки Мун.

Бан Ки Мун, кој последен пат беше во регионот два месеци по завршувањето на војната во Газа, за време на импровизираната прес-конференција во Кан Јунис неколкупати повтори дека Блискоисточниот квартет ги поддржува Палестинците во нивните напори за основање сопствена држава. Највисокиот дипломат на ОН ја поздрави и одлуката на Израел да донесе градежен материјал во Појасот Газа, неопходен за проектите за обнова на ОН, како на пример единствената мелница што постои во Појасот, а која беше уништена за време на војната. Меѓу другото, ОН планираат и проекти за отпадните води, како и за изградба на 150 станови. Бан Ки Мун, меѓу другото, додаде:

„Иако сметам дека ова е позитивен чекор, кој вреди да се поздрави, сепак, мислам дека треба да се направи уште многу, многу повеќе. Ова е како капка вода во море.“

Израел не е подготвен на компромиси

Ban Ki-moon besucht Gaza-Streifen
Бан Ки Мун се ракува со палестинско девојче пред една зграда, обновена од ОНФотографија: AP

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кој во текот на денешниот ден ќе има средби со Бан Ки Мун и со специјалниот американски претставник за Блискиот Исток, Џорџ Мичел, вчера уште еднаш потенцира дека кога се израелските населби во источниот дел на Ерусалим во прашање, Израел нема да прави никакви компромиси. Тој на неделната седница на владиниот кабинет истакна дека градежните работи во Ерусалим по ништо не се разликуваат од оние во Тел Авив, а за тоа веќе ја информирал и американската влада.

За разлика од него, пак, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, на вчерашната средба со претседателот на Израел, Шимон Перес, ги оцени израелските населби во окупираните области, меѓи нив и Источен Ерусалим, како нелегални.

Автор: Клеменс Ференкоте/ Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска