Да запре миграцијата на младите
18 март 2009Дебар, европски град, регионален трговски центар, максимално искористување на прирордните ресурси, големи странски инвестиции, развој на малиот и среден бизнис, нови вработувања, еднаш засекогаш стопирање на миграцијата, нова пролет и убава иднина. Ова се главно ветувањата кои во изминативе денови ги изнаслушаа Дебарчани од кандидатите за место во локалната власт.
Соживот за пример
Дебарскиот регион, кој е еден најдаруваните од бога со природни убавини и богатства, е карактеристичен и по соживотот. Жителите, без разлика на етничката и верска припадност, ги делеле заедно сите убави нешта, радости и таги. Тие се делумно задоволни од она што барем досега е малку направено и убедени се дека тоа ќе биде добра основа за подобра заедничка иднина. Најдоброто нешто што досега е реализрано е реконструкцијата и проширувањето на дел од патниот правец Дебар-Маврово. Очекувањата се дека истото ќе се направи и со патниот правец кон Струга. Лошата состојба во која се наоѓаат овие две точки се смета за главна пречка за слабиот економски развој на регионот. Дебарчани се задоволни и од либерализацијата на визниот режим со соседна Албанија, за што сметаат дека е резултат главно на заложбите на локалната власт и невладиниот сектор.
Намалување на невработеноста
Сепак главниот и најголем проблем е невработеноста. Тоа е и главна причина за масовната миграција на илјадници жители од овој крај. Сепак Дебарчани не ги напушта оптимизмот за подобра иднина. Отворањето нови работни места е нивната главна желба. Тие се свесни дека само поголемата вработеност ќе ги задржи нивните деца да ја градат индината во родното место. На тој начин градот ќе живне и раздвиженоста ќе се чувствува во текот на целата година, а не само во летниот период кога доаѓаат печалбарите. Покрај социјалниот момент, за Дебарчани е важно изборниот процес да мине во фер и демократска атмосфера. На немилите настани од некои локални избори во последната декада од минатиот век, кога беше употребувано и оружје, тие не сакаат да си припомнуваат.