1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дачиќ: Не сум избран на избори за небеска Србија

ЕМФ/бета28 април 2013

Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека никој веќе нема право да се крие зад Косово, зашто секој таков обид би завршил со нов егзодус на Србите и додаде дека договорот во Брисел претставува токму укинување на изговорите

https://p.dw.com/p/18OUM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во авторскиот текст за денешна „Политика“ српскиот премиер Ивица Дачиќ околу договорот со Косово вели:

„Моравме така, зашто во Србија, поради нејзината иднина, веќе никој нема право да се крие. А, богами, нема ниту зад што да се сокрие, особено не зад Косово. Затоа што секој нов обид за криење би завршил со уште еден, сосема видлив и соголен егзодус, со нови жртви, нов губиток и нов пораз.“

Дачиќ додава дека во таков случај Косово би продолжило без каква било осуда или одговорност на патот кон Европа, а Србија повторно би била втурната во „длабока балканска дупка на безнадежност, несреќа, глад и чемер“.

„Самата суштина на бриселскиот договор е во тоа - да означиме почеток на крајот и крај на почетокот и да најдеме начини да го направиме она за што сме избрани. А избрани сме за Србија да биде земја во која има работа, патишта, училишта, болници, книги, тетари, лекови и задоволни и реализирани луѓе“, нагласува Дачиќ.

Српскиот премиер во авторскиот текст додава дека актуелната власт е избрана на земски избори и за земска Србија, а не на небески избори. Тој оценува дека Србија веќе не можела да не прави ништо, туку морала да проба да најде начин. Според Дачиќ, тој начин не е важен не само поради Косово, ниту само поради Србите од Косово, туку и поради целата „ненаселена, сиромашна, невработена и несреќна Србија“.