1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од кандидати до колатерална штета!

Катерина Блажевска26 август 2016

Жал ми е што јас и колегата Тахири станавме колатерална штета, вели Даут Даути. Ад- хок телото е подобро решение од партиските владини тела како што се АВМУ и советот на МРТ, смета Тахири.

https://p.dw.com/p/1JpuJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Во меѓусебни обвинувања и жестоки навреди на социјалните мрежи меѓу колеги, медиумската зедница го (д)очекува изборот на петтиот член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување. Четворицата новинари избрани за членови во ова ад -хок тело на предлог на политички партии, вчера не постигнаа консензус кој нивен колега да биде петтиот член на Комисијата. Останаа зацементирани на иста позиција: двајца го преферираат новинарот Даут Даути, другите двајца новинарот Сефер Тахири. Со образложенијата зошто се противат за едниот или другиот, Даути и Тахири посредно заработија повеќе етикети отколку кандидатска предност. Отпорот кон Даути е поради тоа што бил член на Комисијата за лустрација, а кон Тахири затоа што говорел на партиска дебата.

„Многу ми е жал, што двајца новинари - јас и колегата Сефер Тахири - станавме колатерална штета“, вели Даут Даути.

„Дегутантно е, некој кој е избран од партија да оспорува други како такви и кога не се, да бара стручност иако тој не бил избран како стручњак, и најпосле да ми префрла за зло тоа што сум член на Комисија која е формирана со консензус а потоа стана дел од политички игри во кои јас сепак не бев дел, во кои не учествував, туку ја гледав својата работа и совесно ја извршував. Тоа што нашата јавност не беше подготвена за соочување со минатото е друго прашање. За повеќето одлуки Комисијата беше едногласна, па дури и за предмети со кои некој денес се фали дека ги добил во Стразбур. Зошто не се поставува прашањето за нивната морална чистота?“, прашува Даути.

Mazedonien Skopje Club der Parlamentarischen Repräsentanten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Последица од други компромиси

Забелешки има и Сефер Тахири. Смета дека некои претходни компромиси довеле до привремени решенија, какво што е ад хок - телото.

„Следејќи ја состојбата во која се наоѓа државата, политичката криза и начинот на кој известуваат дел од медиумите, свесен дека ад хок-телото не е идеалното решение, сепак се одлучив со мојот професионален интегритет и долгото искуство во електронските медиуми (МТВ, Аласат - М, Слободна Европа и други) да се обидам да придонесам мониторингот на медиумите во текот на предизборието да биде непристрасен, односно без политички влијанија, каков што беше досега партискиот мониторинг на Агенцијата за медиуми, чиј состав е производ на договорот за законот помеѓу ЗНМ и власта, исто како што е и составот на Советот на МРТ, договор кој се случи на мистериозен начин во недела, а беше промовиран заедно со министерот Иво Ивановски. Сметам таму се корените зошто ние денеска имаме ваква ситуација во медиумите, а ад- хок телото е само привремено решение и последица на партиско-политички компромис“, констатира Тахири.

Вели дека се залага за вистински решенија во оваа сфера и дека ќе може да го даде неговиот придонес.

„Притоа, иако не сум активен член на Здрушението на новинарите на Македонија, го сметам за принцпиелен и коректен неговиот став дa не учествува во овој процес. Но, гарантирам дека ад хок-телото е подобро решение од партиските владини тела како што се Агенцијата за медиуми и советот на МРТ, на кои ЗНМ веќе неколку пати им дава лажен легитимитет, а таму служи само како декор, бидејќи јавноста не видела некоја корист од нејзиното учество во овие тела“, посочува Тахири.

Mazedonien Sefer Tahiri
Фотографија: privat

Обвинувања на сите страни

По неуспехот да се комплетира ад- хок телото, вчера жестоки критики си разменија ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Да сакаше СДСМ слободни и фер медиуми, немаше да бара СДСМ да го назначува главниот уредник на информативната редакција на МТВ. Немаше да бара централно цензорско тело кое ќе кажува што е добар, а што лош новинарски став или мисла. СДСМ никогаш не сакал слободни медиуми, туку целосна контрола врз медиумите“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ повтори дека не отстапува од ставот дека петтиот член мора да биде експерт од медиумската сфера и почитуван во новинарската професија, како гаранција дека независно ќе постапува.

„Формирањето на ад-хок Комисијата за следење на медиумското претставување, само ја потврди партизираноста и нестручноста на АВМУ. После губењето на последниот бастион - Агенцијата за контрола на медиумите, на Груевски не му останува ништо друго освен да го спречи целосното екипирање на ад-хок комисијата и да продолжи да го одолговлекува имплементирањето на Пржинскиот договор“, обвини СДСМ.

По ова, до опозицијата стигна реакција и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

„Агенцијата бара од партиите да престанат со волунтаристички оценки за стручноста на регулаторното тело. Стручната служба на Агенцијата секогаш совесно, објективно и непристрасно ги спроведувала мониторингот на изборното известување, како и другите надзори, според методологии усогласени со светските правила и практики. Всушност, токму договорот меѓу четирите партии со кој се формира Привремената комисија, претставува директен упад во независноста на регулаторното тело. Стручноста и компетентноста на Агенцијата, секој може да ја процени преку извештаите од мониторинзите достапни на нашата веб страница“, соопшти Агенцијата за медиуми.

Оваа реакција СДСМ ја оцени како лоша сатира.

„Реакцијата на АВМУ, во која ад-хок телото го нарекува 'упад во нивната независност' ја сметаме за лоша сатира. Јавноста многу добро знае дека токму поставувањето на партискиот кадар на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Трајчевски за директор на ова регулаторно тело е упад во независноста на Агенцијата за медиуми. Тоа не е констатација само на СДСМ. За успесите на Агенцијата за медиуми, наместо да упатуваат на нивниот официјален сајт, подобро е да ги прочитаат сите релевантни меѓународни извештаи за медиумските слободи во Македонија“, одговори СДСМ. Партијата го повика Трајчевски да не се обидува да вмеша други државни институции во работата на ад- хок телото, бидејќи единствено неговите членови се надлежни да го изберат петтиот член.

Но, четворицата членови на Комисијата и натаму остануваат на истите позиции, што значи дека чекаат гордиевиот јазол сепак да го пресече некој друг. Рокот што го договорија партиите за комплетирање на ад- хок телото, истече на 23-ти август. Од исполнувањето на сите обврски од партискиот договор постигнат на 20 јули, ќе зависи дали лидерската четворка ќе може до 31 август да постигне договор за избори, или и таа ќе го пробие терминот.

Symbolbild Interview
Фотографија: Fotolia/THPStock

Партиите победници, новинарите поразени

Пет дена пред тој рок, партиската реторика станува се пожестока, а медиумските прашања се претворени во главна платформа за партиско мерење на силите. За таа цел вчера послужи и законот за владино рекламирање.

„Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието спречи уште една лудост на ВМРО-ДПМНЕ. Законот за владино рекламирање со кој власта сакаше да ја запечати корупцијата на медиуми со државни пари, е повлечен благодарејќи на жестоката реакција на опозицијата. Груевски е во паника. Го очекуваат избори на кои тој и неговата пропаганда ќе заминат во историјата“, соопшти СДСМ.

„СДСМ е непријател на медиумите и не сака регулирање на владиното рекламирање по урнек на европските модели“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Носењето на Законот за владино рекламирање е дел од реформските обврски на Република Македонија. СДСМ е против секоја реформа. Изборите во декември ќе бидат излез од кризата, а по деструкцијата, Македонија повторно ќе се врати на патот на просперитетот и реформите“, одговори владејачката партија.

И додека во партиските соопштенија фрчат најави за изборни победи, во моментов најпоразена останува медиумската заедница. Во партиските битки преку нејзиниот двор, колатерална штета се новинарите, но и надежта дека нивната професија еднаш ќе се ослободи од канџите на партиите.