1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даунов синдром: Секој мора сам да одлучи

Верица Спасовска
21 март 2017

Родителите кои очекуваат дете се под голем притисок: сѐ порано е можно да се дознае дали бебето ќе биде родено со инвалидитет. Со тој предизвик може да се излезе на крај, порачува Верица Спасовска-од сопствено искуство.

https://p.dw.com/p/2ZdgG
Niederlande Give Down the Future Fußballturnier
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Utrecht

Луѓето кои живеат со Даунов синдром денес во германската јавност многу попозитивно се прифаќаат отколку луѓето со некои други ментални хендикепи. Меѓу нив се и актери и уметници кои настапуваат и на телевизија. Многумина од нив, благодарение на сопствената екстровертност, се друштвени па работат во домови за стари и изнемоштени лица и во градинки. Поради одличната мрежа за поддршка која постои во Германија, голем број од тие луѓе може да живее речиси самостоен живот.

Па сепак, трудниците сѐ почесто се одлучуваат за абортус кога ќе дознаат дека нивното дете во себе го носи тој генетски дефект - пред сѐ откако постои т.н. трипл-тест. Тоа е едноставна анализа на крвта врз основа на која уште од 12. недела може да се заклучи дали во мајчината утроба расте дете со тој инвалидитет.
Причините за абортус се повеќеслојни: прво шокот дека на свет не се носи здраво дете. Очигледно паѓаат во вода претставите за идеално семејство. Тука е и стравот дека детето со инвалидитет би било големо оптоварување. Кои потешкотии ги очекуваат идните родители? Колкави се интелектуалните и телесни ограничувања на детето? Што ќе се случи со семејството, со бракот - во случај да треба да се вложат големи напори за грижа околу хендикепираното дете?

Потребно ли ни е тоа?

Покрај сѐ, тука е и притисокот на општеството врз родителите кои не направиле тест или, и покрај тестот, се одлучиле за дете. „Дали е тоа денес навистина сѐ уште потребно“, постојано се прашуваат роднините, пријателите, соседите. Притисокот е огромен. Каква е таа дрскост! Семејствата кои ќе одлучат да имаат  дете со инвалидитет заслужуваат почитување и признание. Не фрлам камен врз луѓето кои ќе се одлучат против дете со Даунов синдром. Таа одлука секој мора сам да ја донесе. Но го разбирам стравот од одгледување деца со инвалидитет. Тоа навистина не е лесно - тоа не можат да го променат никакви приказни од медиумите во кои семејства со хендикепирани деца се прикажуваат како особено среќни и исполнети. Приказни за тоа колку напредокот може да биде изненадувачки и колку тоа дете ги „збогатува“. Сето тоа се претерувања без врска со вистината. Секое семејство кое има дете со инвалидитет е пред посебен предизвик: родителите мора да се грижат за хендикепираното дете и да се грижат што ќе биде со него кога тие ќе остарат и починат. Се грижат и за останатите свои деца кои се често во сенка на тоа едно дете.

Spasovska Verica Kommentarbild App
Верица Спасовска

Дали животот со дете со Даунов синдром или некој друг интелектуален инвалидитет поради тоа е помалку исполнет? Тоа прашање е погрешно поставено. Работата е поинаква. Основната разлика е во тоа што родителите на дете со инвалидитет се доживотно одговорни за тоа дете, додека децата без инвалидитет својот живот можат да го земат во сопствени раце. Но, тука завршуваат разликите.

Секогаш е авантура да се стане родител. Зарем родителите на здрави деца не се грижат за нив? Зарем кај нив секогаш сѐ оди како подмачкано? Дали тие деца ги исполнуваат очекувањата на своите родители? Што ако некое дете се разболе или доживее несреќа - и така стане зависно од грижата на родителите?

Само уште совршени луѓе?

Напредокот во медицината ни пружа сѐ повеќе можности за избор за нашите деца да се раѓаат посовршени, но не дава одговор на клучното прашање: дали ние сакаме совршен човек? Треба ли да отфрлиме сѐ што не им одговара на нашите проекции и очекувања? На тоа прашање не можат да одговорат ни медицината, ниту политиката. Тоа можеме само ние.

Јас сум, во секој случај, благодарна што живеам во земја во која луѓето со инвалидитет не се помалку вредни од другит е- како што пред 80 години во своето расистичко лудило сметаа националсоцијалистите - и убија илјадници такви луѓе. Благодарна сум што семејствата во Германија кои имаат деца со ментален инвалидитет добиваат државна и добротворна помош и не се потиснати на маргините на општеството. Трудниците кои се пред одлука дали ќе родат дете со Даунов синдром или со некој друг инвалидитет, треба да знаат дека со тој предизвик нема да бидат оставени на цедило.