1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Датумска драма

27 јуни 2018

Заклучоците од Луксембург изгледаат како комплициран компромис помеѓу двата табора: мнозинскиот кој се залага за реално вреднување на напорите на Македонија, и оној малцинскиот, на кој му се поважни домашните рејтинзи

https://p.dw.com/p/30NID
Petar Arsovski
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Драмата со датумот за преговори за Македонија вчера изгледаше како оние документарни трилер филмови за тешки преговори зад затворени врати, додека новинарите на штрек чекаат надвор.  Туку, одвреме навреме ќе излезе некој, како Рот вчера, ќе довикне нешто, ќе замине лут, а ние, како кутриња на странична клупа, ја чекаме пресудата на поротата која треба да ги награди или игнорира напорите на нашата меѓународна политика, како и жртвата која ја направивме во последниот период. Внатре, секој со сопствена агенда, се редат повисоки интереси, после кои нашава судбина е еднаква на „кусурот” од нивните стратешки приоритети.  И така, чекаме како ќе се ствртат коцките во гамбитот кој го почнавме пред нешто повеќе од една година.

Заклучоците ги видовме. Тие изгледаат како комплициран компромис помеѓу двата табора: мнозинскиот кој се залага за реално вреднување на нашите напори, и оној малцинскиот, на кој им се поважни домашните рејтинзи и претстојните европски избори. Иако има време да се смени јазикот на заклучоците до петок, мислам дека за тоа шансите се минимални, имајќи ја предвид тешката дискусија која му претходеше на овој резултат.  Никој нема да има интерес повторно да го отвара ова прашање, зашто отворањето би можело да оди и на една и на друга страна.  Така, мислам дека оваа верзија можеме да ја сметаме за конечна.

Повеќе:

-Решените спорови донесоа датум, незавршените реформи - услови!

-Вчера дел од проблемот- денес дел од решението

-ЕУ сака да започне преговори со Македонија

Во класичен стил на креативниот јазик на ЕУ, заклучоците оставаат мешан вкус: малку пелин, парче чоколадо. Сепак, мислам дека ако ги анализираме подетално, како и амбиентот во времето кое доаѓа, можеме да дојдеме до нивното вистинско значење. Најнапред, треба да имаме предвид дека оваа одлука доаѓа во време на опаѓачки евро оптимизам, растечки страв од нова мигрантска криза, и нов фокус кон домашните агенда на земјите членки.  Не се ова добрите стари времиња во кои со минимален напредок портите беа ширум отворени, а политичките критериуми доволни за брз напредок.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Суштински пресверт за Македонија

Нашата предност во оваа смисла е што нашиот напредок, па ако сакате и во пробивот со проблемот со името, беше преголем да се игнорира. Затоа, ние сме сега во многу поповолна позиција од претходно, без оглед на тоа како се доживува одлуката на советот овде.  Ние имаме доделен датум, па дури и термин за првата меѓуминистерска конференција, што е драматична разлика од претходно, каде никогаш не сме го пречекориле тој праг.  Оттаму, ова е сега поглед од другата страна, кога требаше цело време да испорачаме уште понешто за да добиеме датум.  Ние сега датумот го имаме, и наша работа е да го задржиме и зацврстиме. Тоа е веќе еднаш освоена позиција (како онаа со статусот кандидат), и многу е тешко да се изгуби.

Динамиката, се согласувам, не е можеби онолку брза колку што очекувавме, но белким не мислевме дека ќе добиеме датум за почеток на преговори наредната недела? Безмалку сите земји го чекаа својот датум за преговори повеќе месеци, кој 6, кој 8, кој повеќе, најмногу заради неопходните интерни подготовки (преговарачки тимови, претходни постапки и слично), кои кај нас се дотолку повеќе неопходни, најмногу заради претстојната целосна ратификација и спроведување на носечкиот политички проект, а тоа е договорот со Грција. 

Други колумни од авторот:

-Северна, ти калеша неверна

-Најтемно пред расплетот

-Република Whatever Македонија

Но треба да се има предвид дека ваквата одлука е суштински пресврт за нас, кој неповратно не става во ЕУ, и го затвора прашањето дали ќе станеме членки, а тоа е одлучно да. Самиот факт што комисијата го почнува скрининг процесот, кој е обично резервиран откако ќе се почнат преговорите, е најдобар одговор на прашањето каде точно се наоѓаме – а тоа е на вистинскиот пат.  Динамиката, која останува варијабилна, помеѓу другото зависи и од нас и нашите сопствени капацитети.

Време е за стискање заби

Најголемата придобивка од вчерашните разговори беше да се забележи големиот позитивен пресврт во нашата меѓународна позиција. За разлика од претходно, кога сите со презир и загриженост ја коментираа нашата авторитарна заглавеност, сега за прв пат почувствувавме како изгледа да бидеш почитуван член на пошироко европско семејство. Нашите соседи, Грција и Бугарија, со кои до пред помалку од една година имавме сериозни проблеми, беа наши најголеми поддржувачи и сојузници. Без малку целата фамилија европски држави силно и недвосмислено лобираше за нас. Европската комисија, со навреме и недипломатски позитивен речник изврши огромен притисок и влијание врз советот. Тоа е нашиот најголем ќар, па ако сакате и гаранција дека правецот е неповратен, и дека конечно сигурно ќе станеме членка на ЕУ.  Изгледа сепак ќе не биде.

Но ваквиот безрезервен однос и поддршка за нас создава и дополнителен притисок, кој треба да не освести за нужноста од забрзување на овој проект.  Комплицираниот процес на носењето на одлуката треба да биде за нас повик за будење дека безгрижниот период на лесно приклучување одамна е завршен, а сега се броиме не само против сопственото назадување во претходната деценија, туку и против несигурноста и недостатокот на јасна визија во самата унија. 

Со други зборови, ние сега го фаќаме последниот воз, а и тој заминува од перонот а ние со трчање некако сме се закачиле на последниот вагон.  Ова, драги мои, е најлошо време да застануваме и да се замислуваме за тоа како стигнавме до ова дереџе и дали можело подобро. Ова е време за стискање заби и трчање побрзо.