1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дански закон против напливот од бегалци

Малколм Брабант/К. Краљевска3 септември 2015

Владата во Данска со нов закон, со кој значително ќе се намали социјалната помош за бегалците и барателите на азил, се обидува да ги обесхрабри оние кои во таа земја бараат нов дом.

https://p.dw.com/p/1GPs8
Фотографија: DW/M. Brabant

Прстите едноставно му летаат преку жиците на гитарата. Сириецот Нур Амура е вистински пример за добра концентрација и ритам, додека со својата музика го следи сонародникот, саксофонист Мохамед Дијаб во контејнер во еден парк во Копенхаген. Во Дамаск имале обичај да свират заедно. Тоа било пред да одлучат да побегнат од нивната, со војна зафатена татковина и да побараат азил во Скандинавија - Дијаб во Шведска, а Амура во Данска. Повторно заедно го вежбаат репертоарот, надевајќи се дека ќе продолжат со музичка кариера во Европа. И додека се подготвуваат за настапи, не мора многу да размислуваат за преживување - тие земаат социјална помош.
Но, од први септември 2015 година, Нур Амура може да стане посиромашниот член во дуетот, бидејќи во Данска стапи на сила нов закон, кој во таа земја значително прави разлика меѓу статусот на бегалци и статусот на баратели на азил. Новиот закон, кој го предложи новата, малцинска-десничарска влада под притисок на Данската народна партија (ДПП), а која не е благонаклонета кон имигрантите, предвидува намалување на бенефициите за новодојденците за дури 45 отсто.

Dänemark - Asylpolitik
Нур АмураФотографија: DW/M. Brabant

Возрасни мажи како Амура, сега ќе примаат месечна помош еднаква на студентска стипендија - 5.945 дански круни, односно 800 евра месечно, наместо досегашните 10.849 круни. „Тажен сум“, вели Амура. „Ова не би се случило во Шведска или Германија. Сакам да работам, не дојдов во Данска да спијам. Сепак, за почеток ми е потребна помош. Тешко е.“

Владата се потпира на десницата

Прерано е да се процени дали законските измени ќе ги исполнат очекувањата на владата и фракциите кои ја поддржуваат. Сепак, репутацијата на Данска како цврста и одлучна држава, се чини ги насочува барателите на азил новиот дом да го бараат на друго место. Во првите седум месеци од оваа година, во Данска е забележан пад на барањата за азил и тоа на вкупно 5.174, што е за 7.52 отсто помалку од досегашниот просек.

„Драго ми е поради тоа“, вели Мартин Хенриксен, портпарол на Данска народна партија (ДПП), која не се согласи да влезе во коалициона влада, без оглед на тоа што е втора партија по број на освоени гласови на последните општи избори пред два месеци.

Многумина политички аналитичари сметаат дека ДПП во суштина ја диктира владината политика, а за возврат дава поддршка на владините иницијативи во Парламентот. „Данска во изминатиот период прими многу бегалци. Сега дојдовме до точка кога мора да кажеме: што е доста, доста е! Не можеме веќе да поднесеме. Не можеме да се фатиме во костец со таков вид имиграција. Тоа е претежок товар за мала земја каква што е Данска. Затоа мора да закочиме“.

Високи животни трошоци

Dänemark - Asylpolitik
Мартин ХенриксенФотографија: DW/M. Brabant

Рестрикцијата на социјална помош ја запрепасти Јохана Шмит-Нилсен, претседателка на данската левичарска, опозициска партија Црвено-зелен сојуз. „Мислам дека тоа е огромен чекор назад во интеграцијата, бидејќи тоа што многу лица ќе осиромаши, никако нема да помогне во процесот на интеграција“, вели Шмит-Нилсен, која во Копенхаген се приклучи на протестот против новите владини мерки, во кој учествуваа повеќе од 2.000 лица.

Данскиот совет за бегалци (ДРЦ) владиниот потег го смета, исто така за ретрограден. „Иако тоа може да помогне на луѓето во смисла да ги мотивира да бараат работа, загрижувачко е тоа што тој потег сигурно ќе предизвика сиромаштија во бегалските семејства“, тврди Андреас Кам, генерален секретар на ДРЦ. „Во општества како Данска, ако сакате да постигнете успех во процесот на интеграција, тогаш на луѓето мора да им обезбедите контакт со други луѓе. Морате да бидете и да се движите меѓу други луѓе, да играте фудбал, да ги поканите на родендени, прослави, било што. Сите тие активности, особено за деца, во Данска се скапи. Стравувам дека бегалските семејства тоа нема да можат да си го дозволат, а со тоа нема да шират познанства во општеството, што е предуслов за позитивен интеграционен процес“.

Сепак, Хенриксен е непоколеблив: „Се додека тие (бегалци и баратели на азил) гледаат иднина во Европа, тие ќе доаѓаат. Ние имаме задача, а задачата е да ги зајакнеме правилата, така што оние кои се занимаваат со трговија со луѓе, како и барателите на азил, ќе сфатат дека нивната иднина не е во Европа, ниту во Данска. Мислам дека е правилно, кога веќе ќе дојдеш во Данска, да се потрудиш да добиеш право на социјална помош, значи да бидеш на пазарот на трудот неколку години додека живееш во Данска, па тогаш да оствариш исти права, како и секој граѓанин на Данска“.

Организации како што се Црвениот Крст и ДРЦ се залагаат за координирана ЕУ-политика за солидарност кон барателите на азил и бегалците, кои во Европска унија од почеток на оваа година пристигнаа повеќе од 300.000. Исто така, стравуваат дека и некои други земји ќе го следат примерот на Данска и дополнително ќе внесат поделби во Европа.
Владата на Данска и покрај тоа разгледува следни чекори за тоа како својата земја, со пет и пол милиони жители, да ја направи непривлечна за новодојденците.

Dänemark - Asylpolitik
Протести против новиот законФотографија: DW/M. Brabant

Загриженост меѓу бегалците

Новите владини планови загрижија и еден бизнисмен со потекло од Латакија, родниот град на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Бизнисменот, кој не сакаше неговиот идентитет да го објавиме, само што притигна во Данска, по долго патување преку Турција, Грција, Македонија, Србија, Унгарија, Австрија и Германија. Моментално е во прифатилиште во Хелсингер, северно од Копенхаген, каде чека одговор за барањето за азил. Ја напуштил Сирија, бидејќи бројните милитантни групи постојано му барале пари. Неговата сопруга и двете малолетни деца останале во Литакија. Вели дека војската се заканила на неговата жена дека ќе ги киднапира децата ако тој наскоро не се врати дома. „Ужаснат сум од тоа што се случува“, вели тој.

Последици од глобализација

На Новиот плоштад во Копенхаген, на демострации против новиот закон, еден Сириец кому му е одобрен азил, игра во ритамот на музиката од Среден исток, заедно со Данци кои играат од причини кои само на нив им се познати. Некои од нив носат маички со натпис: „Дански народе, ти благодарам за поддршката“. Сцената на плоштадот е охрабрувачка за Флеминг Јенсен, познат дански актер. Сепак, тој вели дека „се плаши поради новиот закон, бидејќи Данците никогаш не биле такви“. Многумина не се согласуваат со владиниот пристап кон глобалните проблеми, а глобализацијата е неизбежна, и невозможно е да се спротивстави на изградбата на мулти-културни општества. „Сите бевме воодушевени кога за нас во Азија произведуваа евтини кошули, а ние бевме во состојба да седнеме во авион и да отпатуваме било каде во светот. А сега не размислуваме дека исто така секој може да одлучи да дојде кај нас“.