Данска против Шпанија во ракометното финале
26 јануари 2013Данскиот селектор Вилбек тактички го надмудри својот колега Голужа, неговите играчи имаа разновиден напад, погодуваа од сите позиции, а во одбраната не оставија ниту педа слободен простор за хрватските играчи.
Дека Хрватска нема добро да помине во полуфиналето беше видливо уште на самиот старт кога Данска, предводена од извонредниот голман Ландин (10 интервенции во првиот дел) отвори со 5:1, 7:2 и 10:4. До полувремето Хрватите намалија на три разлика, но тоа беше се‘ што успеаја да направат.
Данска, сигурно и без поголеми проблеми ја одржуваше предноста и во второто полувреме. Ландин со 16 интервенции и Егерт со девет погодоци (три од седум метри), беа најекспонираните ракометари на Данска.
Преодна оценка кај Хрватска заслужија само Бичаниќ со седум и Дувњак кој постигна четири погодоци. Данска во финалето ќе игра против домаќинот Шпанија, финалето ќе се одигра утре со почеток во 17:15 часот. Хрватска, пак, денеска, со почеток во 19 часот за бронзениот медал ќе игра против Словенија.
(На фотографијата: Шпанија во натпреварот против Словенија)