1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали убиецот од Тулуз работел на своја рака?

Бернд Ригерт/ Жана Ацеска22 март 2012

Франција веќе две децении се бори против исламистичкиот тероризам, регрутиран пред се‘ од земјите на Магреб.

https://p.dw.com/p/14P2F
Фотографија: dapd

Осомничениот извршител на атентатите во Тулуз и Монтабон е Французин со алжирско потекло. Мохамед Мерах имал врски со Ал Каеда. Терористичката група во Северна Африка има свој огранок кој се нарекува „Ал Каеда во исламски Магреб“, произлезена во 2007 година од „Салафистичката група за проповед и борба“. Дали Мерах е поврзан токму со неа, не е јасно. Тој со години бил набљудуван од властите поради исламистичките ставови.

Јоахим Краузе, раководител на Институтот за безбедносна политика во Кил, опасноста од исламски терор во Франција ја проценува како многу голема. Франција е во визирот на Ал Каеда од Магреб. Можно е авганистанските терористи да планирале напади во Франција, вели тој за Дојче веле:

„Постојат врски, келии во Франција, чии траги треба да  се следат“.

Франција учествува со свои војници во меѓународните трупи ИСАФ во Авганистан, чие повлекување бараат авганистанските бунтовници и талибанците.

Anschlag auf französische Soldaten in Mautauban Frankreich
Каква заднина имаше убиството на тројцата француски војници во Монтабон?Фотографија: dapd

Исламистички напади уште од 1995-та година

Доколку се потврди дека осомничениот убиец е исламистички терорист, нападите во Тулуз и Монтабон би биле најтешките во Франција од 90-те години. Во летото и есента 1995-та година во Франција се случија цела редица терористички напади, за кои одговорноста и‘ беше ставена на Исламистичка група од Алжир, која наводно сакала граѓанската војна од таа земја да ја пренесе во Франција. Најтешки последици имаше нападот со експлозив на француското метро на 25-ти јули 1995-та, во кој загинаа осум луѓе, а 80 беа ранети. Француските власти тогаш не најдоа конкретни докази за поврзаност со Ал Каеда на Бин Ладен, кој беше активен во Авганистан. Но, постоеше претпоставка за тесни врски меѓу исламистите од Авганистан и Франција и тоа преку Исламистичката група од Алжир. Француската полиција и тајната служба успеаја да ги уапсат врвните луѓе на групата и да спречат повеќе планирани напади, на пример на Светското фудбалско првенство 1998. Во 2000-та година, во соработка со германските служби, беше осуетен напад врз божиќен панаѓур во Стразбур.

Апсења во 2000-та година

По нападите во САД од 11 септември 2001-ва година, Франција и останатите држави во Европа ја засилија борбата против терористите. Во октомври 2010-та година француската полиција уапси единаесет осомничени во Марсеј, Авињон и Бордо, сите со контакти со Северна Африка. Во јули 2010-та година Ал Каеда од Магреб уби француски заложник. Тогашниот француски министер за внатрешни работи, Брис Ортефокс, случајот го оцени како „реална закана“. По бомбашките напади врз подземната железница и автобуси во Лондон во јули 2005-та година, во Франција беше активиран втор степен на антитерористичкиот план. Околу 3400 војници беа распоредени пред стратешки објекти ширум земјата заради нивна одбрана.

И околу симболот на Париз, Ајфеловата кула, патролираа  војници со полна воена опрема и откочено оружје. Овие безбедносни мерки дополнително беа заострени по нападите во Тулуз и во Монтабон.

Terror Terrorismus Bedrohung Anschläge Europa Paris Eiffel Turm
Полицијата обезбедува пред Ајфеловата кула во ПаризФотографија: AP

Да не се става знак на равенство меѓу исламот со теророт

Центарот Никсон, истражувачки институт од Вашингтон, уште во 2005-та година објави студија, според која осомничените за тероризам во Европа не потекнуваат од Блискиот Исток или Авганистан. 41 процент од нив биле европски државјани, 36 насто доаѓале од државите на Магреб. Терористичкиот подмладок во Франција често потекнува од социјалните жаришта - предградијата на големите градови. Тоа може да биде и профилот на осомничениот напаѓач од Тулуз и Монтабон. Советот на еврејската организација во Франција го следи развојот на антисемитски кривични дела во земјата. По кулминацијата во 2009-та година со 832 регистрирани извршители, бројот на кривичните дела со антисемитски мотиви последниве години бележи опаѓање -  лани изнесувал 389. Големиот број од 2009-та година може да се објасни со борбите во Појасот Газа.

„Се работи за целосно неприфатливо пренесување на конфликтот од Блискиот Исток во Франција“, констатира своевремено Советот на еврејската организација во Франција.

Антисемитиски напади меѓутоа вршат не само исламистички терористи, туку и други групи, како неонацисти. Францускиот претседател Никола Саркози вчера (21.03) предупреди да не се става знак на равенство меѓу исламот и тероризмот. Истото го побараа и муслиманските и еврејските организации - да не се ставаат во еден котел теророт и религијата.