1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Советите ја окупираа или ослободија Бугарија?

9 септември 2019

Дали Советскиот сојуз пред 75 години ја окупираше Бугарија или ја ослободи таа земја од фашизмот? Москва и Софија остро спорат за ова прашање. Сега, по повод една изложба, изби и дипломатски конфликт.

https://p.dw.com/p/3PGWm
1944 Bulgarien | Pro-sowjet. bulgarische Soldaten
Фотографија: picture-alliance/akg-images

„Пешак преминува преку опасна раскрсница. Од десно со голема брзина му приоѓа кафеав Опел. Од лево со уште поголема брзина одненадеж се појавува Москвич кој удира во едниот пешак и го претвора Опелот во купишта железо. Пешакот останува врзан за инвалидска количка 45 години. 30 години потоа, новите сопственици на Москвичот организираат изложба под мотото 'Како Москвичот го спаси пешакот од Опелот'“.
Така сликовито ги опишува драматичните настани во Бугарија пред 75 години и нивниот одек денеска, политикологот Даниел Смилов.

На петти септември 1944 година, Советскиот сојуз ѝ објави војна на Бугарија, која дотогаш беше на страната на Германија, депортираше Евреи и стори низа злосторства. На 8 септември истата година, Црвената армија ја окупираше земјата. Еден ден подоцна, на 9 септември 1944, неколку офицери и комунисти со пуч ја урнаа легитимно избраната влада. Во следните 45 години земјата беше верен сателит на Москва. До 1989 година, официјалното толкување во Бугарија и СССР беше дека „Славната Црвена армија ја ослободи Бугарија од фашизмот“. 

Спорна изложба

На 75. годишнина од тој настан, рускиот културен центар во Софија денеска отвора изложба под име „Ослободувањето на Бугарија“. Таа е дел од серијата „75 години од ослободувањето на источна Европа од нацизмот“, која ја организира Москва во повеќе држави.

Бугарското Министерство за надворешни работи невообичаено остро реагираше на изложбата. „Без доведување во прашање на придонесот на СССР во победата над нацизмот во Европа, не смееме да ги затвораме очите пред фактот дека бајонетот на советската армија половина век во источна Европа значеше само репресии, ограничување на граѓанската свест, деформирање на економскиот развој и изолација од динамичниот развој во напредните европски држави“, беше наведено во реакцијата на МНР. Притоа, официјална Софија побара од руската амбасада да не ја поддржува „проблематичната историска теза ('ослободување').

1944 Bulgarien | Bewohner Sofias begruessen Sowjets
Дочек на Црвената армија во Софија во 1944 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Реакцијата беше изненадување за многумина. Бидејќи Бугарија, како членка на ЕУ и НАТО, секогаш многу претпазливо постапува кон Русија. На последниот бугарски цар Борис, кој умре под мистериозни околности во 1943 година по една средба со Хитлер, му се припишува реченицата која и денес многумина ја сметаат за исправна: Бугарија мора „секогаш да биде со Германија и никогаш против Русија“. До денес, ставот на бугарските граѓани кон Русија е длабоко поделен. Актуелната влада во Софија ги поддржува санкциите против Москва, но истовремено се обидува да извлече полза од руските енергетски проекти во регионот.

Реакциите од Москва на нотата на бугарското МНР не беа ништо помалку директни. Научниот директор на рускиот музеј на воена историја, Михаил Мијагков, за агенцијата ТАСС рече дека Бугарите се обидуваат да ја заборават историјата на големата татковинска војна и да ја релативизираат улогата на Советскиот сојуз во ослободувањето на Бугарија од нацизмот. 

Политизирање за домашни цели

Бугарските историчари, сепак, велат дека постоела „советска окупација на земјата“.
„Речиси 50 години во Бугарија владееја московски марионети кои повеќе пати ја доведуваа во прашање егзистенцијата на бугарската држава. Мислам на обидите Бугарија да ѝ се присоедини на Југославија како седма република или на СССР како 16 република“, вели историчарот Људмил Спасов.

Во нотата на бугарското МНР, многумина препознаа и политизирање во пресрет на локалните избори во земјата на крајот на октомври. Конзервативната влада на Бојко Борисов се надева на реизбор на нивната кандидатка на изборите за градоначалник на Софија. А за тоа би било корисно да се привлечат гласачите кои се скептични кон Русија, коментира за ДВ политикологот Даниел Смилов.

Нејзината противкандидатка, онаа која ја поддржуваат социјалистите, важи за наклонета кон Русија. Острата нота на бугарското МНР би можела да помогне за успех на Борисов во Софија, вели Смилов.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.