1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали е коронавирусот многу подолго заразен?

Александер Фројнд
6 март 2020

Здравствените власти се загрижени поради нејасните патишта на инфекција и индикации дека периодот на инкубација на коронавирусот е двојно подолг, што би имало драстични последици за напорите за сузбивање на епидемијата.

https://p.dw.com/p/3YxGd
Coronavirus SARS-CoV-2 im Elektronenmikroskop
Фотографија: picture-alliance/AP/NIAID-RML

Периодот на инкубација на новиот вирус, односно времето меѓу инфекцијата и појава на симптоми, обично трае од 2 до 14 дена, па од тоа се раководат и Светската здравствена организација, германскиот институт Роберт Кох и Министерството за здравство на Германија. Поради тоа, сомнителните случаи се изолираат во карантин на две недели.

Првите симптоми најчесто се појавуваат по три дена, откри водечкиот кинески епидемиолог Цонг Нан Шан, шеф на националниот тим на стручњаци за сузбивање на оваа белодробна болест. Неговиот тим испитал 1.099 случаи од 552 болници во Кина. Но, ова се прелиминарни резултати кои мора дополнително да се испитаат, изјави Цонг Нан Шан, кој во 2003 година го откри коронавирусот САРС.

Во ретки случаи, периодот на инкубација на новиот коронавирус може да биде и до 24 дена, покажа студијата објавена на 9 февруари 2020 година на медицинската истражувачка платформа medRxiv. Таму пишува: „Централната вредност на инкубацијата изнесуваше 3 дена (распон од 0 до 24 дена)“.

Поединечни случаи или лоша контрола?

Неодамна сензација предизвика извештајот на владата на провинцијата Хубеи, епицентар на вирусот, со веста дека 70-годишен маж симптоми покажал дури 27 дена по инфекцијата. Меѓутоа, според германскиот експерт Кристијан Дростен од берлинската Универзитетска клиника Шарите, такви одделни случаи имаат само ограничена информативна вредност: „Чест извор на грешки во наводно долг временски период на инкубација е изложеност на вирусот во меѓувреме, која не била забележана.“ Дростен не гледа причина да се менуваат проценките поврзани со периодот на инкубација. Само под крајно контролирани услови може да се исклучи засегнатите да се повеќекратно едноподруго изложени на вирусот.

Различни организми реагираат со различна брзина

Според мислењето на Томас Пичман, молекуларен виролог во Центарот за експериментални и клинички истражувања на инфекции Твинкор во Хановер, не е изненадувачки што различни пациенти различно реагираат на патогени и што периодите на инкубација значително се разликуваат: „Вирусите имаат различни својства, поинаку се шират во телото на заразениот и истовремено го сузбиваат имунитетот. Симптомите се сигнал на телото дека го препознало вирусот. Процесот кој трае дотогаш може да се одвива различно долго“, изјави Пичман во интервју за Дојче веле.

Полека станува појасно дека во одделни случаи постојат значително подолги периоди на инкубација, вели професор Јонас Шмит-Шаназит од Германскиот центар за истражување на инфекции, кој опфаќа 500 стручњаци ширум Германија. Но, голем дел од заразените покажува симптоми веќе по една недела, вели тој и додава:

„Сега учиме, ова досега беше непознат вирус, познат ни е од пред два месеци. А сега има се` повеќе пациенти и податоци. Постојат мал број случаи, тоа мора да се нагласи, кај кои периодот на инкубација може да биде и подолг, и до еден месец.“

Што значи значително подолг период на инкубација?

Ако периодот на инкубација на коронавирусот навистина е многу подолг од 14 дена, тоа би можело драстично да влијае на напорите за сузбивање на епидемијата. Зашто, карантинот од 14 дена не би бил доволен. На пример, кога кинеските работници се враќаат од двонеделн принуден одмор, тоа би можело да доведе до друг бран на инфекции.

Повеќе: 

Ќе стигне ли вакцината против кроронавирусот навреме?

Коронавирусот „се крие“ и во тоалети и спални соби

Коронавирусот се шири низ Германија

Колкава е заканата од коронавирусот во Европа?

Јапонскиот министер за здравство Кацунобу Като затоа инсистираше од сите патници и членови на посадата на крузерот „Дајамонд Принцес“ по двонеделниот карантин на бродот да останат дома уште две недели. Зашто, кај двајца Австријци вирусот бил пронајден по симнувањето од бродот, иако тестовите извршени кај нив на крузерот биле негативни.

Начините на инфекција не се јасни

Покрај индициите за подолг период на инкубација, Светската здравствена организација е загрижена и поради често неразбирливите патишта за инфицирање и инфекции кај кои не постои јасна епидемиолошка врска, изјави на Твитер генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус кон крајот на февруари. Тој вели дека многумина се инфицирани иако не биле во Кина, ниту биле во контакт со лица кај кои е потврдена инфекција со коронаворусот, за кој се користи називот САРС-КоВ-2 или Ковид-19. Со тоа се поттикнува веќе раширената препоставка - дека луѓето кои имаат слаби или никакви симптоми можат и натаму да го шират коронавирусот.