1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали да се инвестира во Ирак?

5 ноември 2009

Безбедносната ситуација во Ирак забележува повторно назадување. По релативно мирниот период, последниве денови и недели се множат повторно атентати со многу жртви. Во такви услови тешко е да се привлечат инвеститори.

https://p.dw.com/p/KObP
Странските инвестиции тешко доаѓаат во сиромашната земјаФотографија: AP

„Фирмите треба да инвестираат во Ирак - во нивен и во наш интерес.“ Ваков повик неодамна упати претседателот на северниот регион на Ирак, Масуд Барзани, каде мнозинството од населението го сочинуваат Курди. Апелот не остана попусто, бидејќи на неодамнешниот трговски саем во главниот град на овој регион, Ербил, допатуваа голем број деловни луѓе. Тие се секако заинтересирани за инвестиции и зделки што ќе го опфаќаат цел Ирак, не само релативно стабилниот север на земјата.

„Земјата нуди можности да се почне бизнис од нула. Ние уште во 2003 година им овозможивме на разни германски фирми да воспостават соодветни контакти и да почнат бизнис без при тоа да мораат да преземаат посебен ризик поради непознавањето на ирачкиот пазар, како и поради безбедносната ситуација во земјата“, појаснува менаџерот Саиф Каруми. Тој работи за германското претпријатие „Биркхолц“, но се обидува да посредува и за други фирми, како на пример онаа за прозиводство на бетонски елементи, „Швинг-Штетер“ од градот Херне.

Багдад е се’ уште многу опасен

„Веќе продаваме во Багдад, но не смееме да летаме натаму. Затоа решивме да отвориме база овде во Ербил и одовде да го набљудуваме развојот на пазарите во Багдад и во Басра“, раскажува менаџерот Заиди. Тука е и Германецот Хелмут Гнедиг, кој веќе пет години го застапува проиводителот на товарни возила, МАН. Тој има веќе децениски искуства со Ирак: „Овде мора прво многу, многу работа да се вложи пред да се добие некој резултат...“

Irak Außenminster Frank-Walter Steinmeier trifft den irakischen Präsidenten Jalal Talabani in Bagdad
Можностите се подобрија по посетата на министерот Франк Валтер Штајнмајер на ИракФотографија: AP

Ирачките и посебно курдските политичари од време на време ги предупредуваат германските бизнисмени дека ако предолго чекаат ќе ги загубат вносните зделки во нивната земја. Според проценката на долгогодишниот градоначалник на Ербил, Нихад Хоџа, може да се забележи одредено позитивно поместување по посетата на поранешниот шеф на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер во февруари годинава: „Се гледа дека германските претприемачи станаа поактивни во отворањето проекти кај нас и секако во обидот да го искористат курдскиот регион на северот од Ирак како појдовна база за целата земја.“

Страв од нови напади

Strom im Irak
ИракФотографија: AP

Но, странските и меѓу нив и германските инвеститори, се’ уште не се осмелуваат на големо да влезат во зделки во оваа земја. Тие знаат дека има уште и конфликти меѓу Курдите на северот и арапското население во другите делови на Ирак. Затоа не останува ништо друго освен да се има многу трпение и способност да се прифатат сите назадувања. Без тие две карактеристики не може да се очекува долгорочен успех, порачува Хелмут Гнедиг.

„Во два наврати ги загубивме погоните во Багдад и потоа дојдовме овде во Курдистан. Откако во првите години нашите муштерии купуваа само копии на нашите товарни возила произведени во Кина или во Турција, сега сепак забележуваат дека има голема разлика во однос на оргиналните производи“, нагласува застапникот на концернот МАН во Ирак.

Тој не крие дека е многу проширен и проблемот со корупцијата и дека широки делови од ирачката елита неа ја сметаат за природен дел од бизнис зделките. Згора на тоа големи се и бирократските пречки, процедурите се многу сложени и нетранспарентни. Владее и несигурност во сопственичките односи, како и во платниот промет. Сето тоа можеби ќе се смени по парламентарните избори закажани за јануари - ако воопшто се одржат: „Мора многу да се работи за да се дојде до успех“ , порачува застапникот на МАН за Ирак, Хелмут Гнедиг.

Автор: Улрих Лајтхолд / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска