1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Арафат беше убиен?

Дијана Ходали/Борис Георгиевски6 јули 2012

Осум години по смртта на палестинскиот лидер Јасер Арафат, ново откриени докази укажуваат на можно труење, и тоа со радиоактивен полониум. Со одобрение од неговата сопруга, неговото тело ќе биде ексхумирано

https://p.dw.com/p/15S9Z
Фотографија: AP

Во Рамала, мавзолејот на Јасер Арафат во моментов се реновира. Но, осум години по неговата смрт, вечното почивалиште на палестинскиот лидер ќе биде вознемирено. Неговата вдовица, Суха Арафат побара ексхумација на посмртните останки.

Нејзината одлука се должи на истражувањето на телевизијата Ал Џазира, чии репортери во соработка со научници од Швајцарија открија присуство на полониум во облеката на Арафат. Но, клучниот доказ се уште недостасува, а тој може да биде добиен само со испитување на телото на Арафат.

Во 2006 година, поранешниот руски таен агент Александар Литвиненко почина како последица од труење со полониум. Сомневањата се дека и Арафат е жртва на радиоактивниот елемент.

Многу шпекулации

Истрагата на Ал Џазира траеше 9 месеци. Швајцарските експерти добија торба со лични работи на Арафат, меѓу кои и неговата четкичка за заби и долната облека. Во нив беше потврдено присуството на полониум, но за да се докаже дека Арафат бил труен потребни се примероци од неговата крв и урина, кои пак беа уништени во Париз пред неколку години.

Долги години се шпекулира околу причините за смртта на Арафат, особено откако не беше дадено никакво официјално објаснување за неа. 75 годишниот Арафат ненадејно се разболе и набрзо потоа неговата здравствена состојба драматично се влоши. Тој почина во болница во Франција на 11 ноември 2004 година.

Ќе се открие ли виновникот?

Блискиот пријател на Арафат, израелецот Ури Авнери, уште тогаш веднаш ги обвини израелските власти дека го отруле палестинскиот лидер. Фактот дека израелските власти во последните години од владеењето го држеа Арафат во домашен притвор, а неговата физичка елиминација ја сметаа за легитимна операција, само ги дополнува сомневањата.

Katar Al Dschasira Logo Fernsehen
Ал Џазира девет месеци ја истражуваше смртта на АрафатФотографија: AP

Сопругата на Арафат во документарецот на Ал Џазира оцени дека плутониумот постои само во неколку напредни држави кои поседуваат нуклеарни реактори.

Научниците се согласни дека плутониумот во телото на Арафат, доколку го имало, досега во голема мерка се распаднал, но се надеваат дека посмртните останки ќе бидат во релативно добра состојба затоа што се чуваат во мавзолеум.

Пријателот на Арафат, Авнери, сепак е песимист.

„Доколку Арафат бил отруен, никогаш нема да дознаеме кој стоел зад тоа“, вели Авнери.