1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г8 ќе издвојат 60 милијарди долари за помош на Африка

8 јуни 2007

Лидерите на Г8 денеска во Хајлигендам разговараат за помошта за Африка, како и за односите со надоаѓачките индустриски сили како Кина и Индија.

https://p.dw.com/p/ApJS
Хајдемари Вичорек Цојл, германска министерка за развојна помошФотографија: AP

На средбата се поканети лидерите на пет африкански и пет индустриски земји во развој. Од извори на германската влада се дознава дека за Африка ќе има нова програма за помош во износ од 60 милијарди долари.

Програмата за помош на Африка секако ќе биде донесена, изјави претпладнево германската министерка за развојна помош, Хајдемари Вичорек Цојл. Според неа средствата што се планирани до 2015-та година ќе бидат насочени пред се‘ за борба против сидата, маларијата, туберкулозата и другите болести што најмногу го загрозуваат населението на “црниот континент“.

“Мора веројатно уште еднаш јасно да се каже дека тоа што Африка е тема на дискусија на овој самит, тоа што лидерите на Г8 се среќаваат со колегите од пет африкански земји, тоа треба да стави на знаење дека Африка не се смета само за континент со кризи и катастрофи, туку и како континент со демократски развој што влева надеж во подобра иднина“ - порача Вичорек Цојл.

Според неа програмата за помош во износ од 60 милијарди долари не е нова, нејзе ја предложи претседателот Џорџ Буш уште пред две недели, но имаше големи дискусии околу приклучувањето на другите земји од Г8, пред се‘ Италија.

“Тоа е програма што опфаќа 44 милијарди евра, односно 60 милијарди долари, од кои половината ќе ги дадат САД. Рокот е до 2015-та, значи се совпаѓа со милениумските цели на ОН. Другите земји беа поканети да се вклучат во програмата и Германија тоа ќе го стори со 4 милијарди евра.“

Претседателот на Гана, Џон Куфур, кој е еден од поканетите државници од Африка, на маргините на средбата во Хајлигендам порача:

“Африка очекува дека групата Г8 ќе ги оствари ветувањата. Ние сме исто така подготвени да ги оствариме нашите, така што тоа ќе биде вистинско партнерство. Исто така рековме дека треба да го обновиме заедничкото тело, кое ќе води сметка за тоа обете страни да се придржуваат до договореното.“

Според очекувањата лидерите на Г8 ќе се обврзат уште еднаш дека ќе ги исполнат ветувањата дадени на самитот во Глинеглс, според кои овие земји до 2015-та ќе издвојуваат по 0,7% од бруто-националниот доход за развојна помош.