1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г8 се залага за буџетска дисциплина и економски импулси

АТ/ дпа/ ртр/ дапд/афп20 мај 2012

Државите на Г8 се изјаснија за унапредување на економскиот пораст и истовремено консолидирање на буџетите. Тие се заложија Грција да го задржи еврото, како платежна валута.

https://p.dw.com/p/14yvI
Фотографија: picture-alliance/dpa

На средбата на осумте водечки индустриски земји во Кемп Дејвид беше засилен притисокот врз еврозоната, колку што е можно поскоро да се стави крај на кризата во Европа. Причина за ова е загриженоста на земјите на Г8, пред се’ САД, Русија и Јапонија, дека во спротивно ќе биде повеќе погодена и светската економија. Но, демонстративно се нагласија и заедничките интереси.

Штедење и економски пораст

Германската канцеларка Ангела Меркел, која според многу набљудувачи на самитот беше под голем притисок да го ослободи патот за поголеми државни економски импулси, појасни: „Бевме целосно еднинствени, дека ни се потребни две работи: буџетска дисциплина и санација на нашите буџети и истовремено да се вложат напори за пораст“. Консолидација и пораст се две страни на еден ист медал“, нагласи Меркел. Тоа што на ова се согласиле сите учесници на средбата во Кемп Дејвид било голем напредок, смета канцеларката. Исто така и американскиот претедател Барак Обама, како што пренесуваат учесници на средбата, нагласил дека не смее да има „вештачки импулси“ за конјуктурата.

Merkel Obama G8 Camp David
Ангела Меркел и Барак ОбамаФотографија: Reuters

Меркел јасно истакна дека високо задолжените држави на Г8, поинаку отколку во 2008 година, немаат можности на проблемите да реагираат само со класични конјуктурни програми. Финансиски импулси за пораст би можело да има на пример преку инвестиции во истражувањата или инфраструктурата, или во Европа - во дигиталните мрежи.

Компромис во завршната декларација

Во завршната изјава на Г8 се нагласува меѓусебната усогласеност на штедење, поттикнувањето на порастот и структурните реформи. „За да се зголеми продуктивноста и потенцијалот за пораст во нашето стопанство, поддржуваме структурни реформи и инвестиции во образованието и модерната инфраструктура, онаму каде што тоа е потребно“. Потоа во документот се вели дека вистинските мерки не се исти за сите држави. На тој начин делумно се задоволуваат сите држави (САД, Канада, Јапонија, Русија, Германија, Франција, Велика Британија и Италија) и покрај нивните различни позиции на самитот на Г8. На преговарачката маса во Кемп Дејвид беа присутни и водечките политичари на ЕУ.

Auftakt G8-Gipfel in Camp David (USA)
Г8Фотографија: picture-alliance/dpa

Во завршната декларација Г8 државите нагласуваат дека би сакале Грција да остане во еврозоната, се’ додека владата во Атина се придржува до договорените обврски. Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд истакнаа дека конечната одлука за тоа со кои мерки ЕУ ќе се бори против должничката криза во еврозоната, ќе биде донесена на самитот на ЕУ во јуни.

На дневен ред на средбата на Г8 се најдоа и конфликтот на Блискиот Исток и економската поддршка за Авганистан по повлекувањето на меѓународните трупи за две години. Освен ова, Г8 стартуваше нова иницијатива за борба против гладта во Африка.