1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Г20: Заложба за фер распределба на ковид-вакцините

СН/агенции
13 октомври 2021

Државите од Г20 имаат намера да се заложат за „праведна“ распределба на вакцините против коронавирусот. За тоа во прв ред, треба да бидат укинати ограничувањата за извоз на вакцините.

https://p.dw.com/p/41bgw
Italien l G20-Treffen Neapel l Umwelt Klimapolitik l logo
Фотографија: Fabio Sasso/ZumaWire/dpa/picture alliance

Министрите за трговија од земјите на Г20 се обврзаа дека ќе промовират „праведна распределба“ на вакцините против Ковид-19, особено преку укинување на „ограничувањата на извозот“, како и дека ќе работат на „мултилатерален и транспарентен трговски систем“.

Нивната заклучна декларација, усвоена по состанокот во Соренто на југот на Италија, е знак за „започнување на мултилатерализам“, порача министерот за надворешни работи на Италија, Луиџи Ди Мајо, чија земја претседава со Г20.

„Мораме да обезбедиме поголема циркулација на вакцините и на фабриките за нивно производство во земјите во развој“, изјави за време на состанокот францускиот министер за надворешни работи Франк Ристер.

Во сиромашните земји се вакцинирани само 1,4 отсто од населението

Во светот се произведени и применети над 6 милијарди дози вакцини против Ковид-19, но само 1,4 насто жители од земјите со ниски приходи се вакцинирани, наспроти 58 отсто жители од богатите земји, нагласи на почетокот на октомври генералната директорка на Светската трговска огранизација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала.

Со приближување на дванаесетата министерска конференција на СТО, предвидена од 30 ноември до 3 декември во Женева, таа ги повика членовите на организацијата да договорат „силен одговор на пандемијата“ и да постават темели за „поправедна распределба“ на вакцините.

Друг предизвик на преговорите е „олеснување на користењето на исклучоците од правата на интелектуална сопственост за да се овозможи производство секаде во светот“, објасни францускиот министер Ристер.