1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20: Глобална праведност во распределбата на вакцините

Бернд Ригерт
23 ноември 2020

Г20 сакаат повторно да ја заживеат економијата по пандемијата. Заштита на климата и дигитализација се приоритет. Саудиска Арабија како претседавач со Г20 се извлече без критика.

https://p.dw.com/p/3lhmI
G20 Gipfel Saudi Arabien | Gruppenfoto digital
Фотографија: Präsidentschaft G20 Saudi Arabien Pressestelle

Видео самитот на 19-те економски најзначајни држави во светот и ЕУ, чиј домаќин беше Саудиска Арабија, поради корона пандемијата се одвиваше исклучиво во виртуелен простор. Претседателите на држави или влади беа во своите канцеларии и читаа подготвени ставови или пуштаа снимени клипови. „Вистинска размена на мислења или дискусија не се случува”, ја опишува атмосферата дипломат од висок ранг кој бил задолжен за подготовката на Самитот. 

„Тоа што недостига се пред сѐ билатералните средби на маргините на Самитот. Тие годинава секако ги нема”, вели дипломатот.

Досада кај лидерите?

Минатата година на самитот во јапонското место Осака средбите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот колега Ши Џинпинг или пак со германската канцеларка Меркел беа тема за насловните страници. Во оваа година на короната Трамп преферираше по 90 минути видео конференција од досада да избега на голф терен. И други лидери според информации од кругови на делегациите не биле постојано вклучени на камера. За време на бавно изнесениот говор од саудискиот крал Салман, веќе старец, францускиот претседател Емануел Макрон си прелистувал фотокаталог. 

Шефот на Советот на Европа, Шарл Мишел, разгледувал документи исто како и јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоза. Британскиот премиер Борис Џонсон, кој делувал заморен, си ја потпирал главата на една рака.

„Додуша големите пленарни кружоци со лично присуство на Г20 исто така не се многу забавни. И таму се седи во круг и се читаат говори во кои се фалат целите на Г20”, вели дипломатскиот извор.

Кралот Салман и неговиот агилен престолонаследник Мохамед годината на претседателство со Г20 сакаа пред сѐ да ја искористат за апсолутната монархија, целосно зависна од извозот на нафта, да ја претстават како модерна отворена држава во потрага по нив бизнис модел. 

До 2030 принцот Мохамед сака од ништо да го создаде градот „Неом” со нови дигитални економски гранки.

Полирањето на имиџот без физичко присуство во Ријад само делумно им беше успешно. На интернет беа постирани многу рекламни клипови, но содржински Саудијците мораа да се ограничат на сузбивање на пандемијата и заживување на светската економија.

Растот по пандемијата

„Во споредба со поранешни самити, овој е поконкретен. Тој му беше дораснат на предизвикот со пандемијата”, заклучува дипломатот од Г20. Во текот на годинава се донесени серија мерки за зајакнување на меѓународната соработка. Во финалната декларација од Самитот се вели: „Ние сме решени и натаму да ги користиме сите расположливи средства за да заштитиме животи, работни места и приходи на луѓето. Сакаме да предизвикаме заздравување на светската економија, да го одржиме отпорен меѓународниот финансиски систем додека се обезбедуваме од економски ризици”. 

Г20 сакаат да се заложат за праведна распределба на можните вакцини против корона и да обезбедат повеќе средства за нивна набавка за сиромашните земји. Конкретни бројки не беа одредени, но канцеларката Меркел се залагаше за тоа да се удвојат веќе собраните пет милијарди евра за да може да се финансираат околу две милијарди вакцини

На пролет Г20 под италијанско претседателство сакаат да организираат „Светски здравствен самит” за меѓународно да ја координираат борбата против пандемијата. До тогаш идниот американски претседател Џо Бајден треба да ја има променето корона политиката на својата земја. Тој сака и да го ревидира повлекувањето на САД од СЗО. Претседателот во заминување, Трамп, во неговиот говор на самитот уште еднаш се заложи за тоа први да бидат вакцинирани Американците. Освен тоа зборуваше само за американски компании кои развиваат вакцина, што не соодветствува на фактите.

Олеснување за должниците

Еден од малкуте конкретни заклучоци од Самитот под саудиско водство се однесува на земјите во развој. Ним треба да им се одложат каматите на државните кредити и тоа минимум до јули 2021. Тоа не е простување на долгот како што бараа организации за развојна помош. Приватни финансиски институти се повикани да го следат примерот, но немаат таква обврска. 46 земји побарале отпишување на каматите чија вкупна сума изнесува 5,7 милијарди долари за годинава. 

Г20 се договорија да ја реформираат Светската трговска организација и да ја заживеат светската трговија, потврди за ДВ на прес-конференцијата во Ријад саудискиот министер за финансии Мохамед ал-Џадан. Во таа точка САД биле покооперативни отколку минатата година во Осака кога самитот беше во сенка на многуте трговски конфликти кои ги разгоре Трамп. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен пред самитот изјави дека „Ријад нуди шанса да се заживее меѓународната трговска политика”.

Се полагаат надежи во Бајден за заштита на климата

За заштитата на климата, втората голема тема на саудиското претседателство, малку нешто се придвижи. Американскиот претседател во заминување, Трамп, повтори во неговиот видео клип за заштита на околината дека Парискиот договор на ООН за намалување на емисиите на штетни гасови бил „тотално нефер” спрема американски компании. Затоа морал да го напушти.

Останатите 19 членки на Г20 изрично застанаа зад целите дефинирани во договорот. Погрешното тврдење на Трамп дека САД имале најголема заштеда на штетни емисии од сите светски нации, беше примено со кревање раменици. „Сметаме дека администрацијата на Бајден повторно ќе се вклучи во климатските совети”, вели дипломатот. „Тогаш многу нешта ќе станат поедноставни”. 

Кај заштитата на климата Турција до последно се противеше да биде третирана како високоразвиена земја, што со себе носи повисоки климатски цели и плаќања за порамнување.

Човековите права не се тема 

Темата човекови права ниту беше ставена на дневниот ред, ниту пак за неа се дебатираше на самитот. Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, го исклучи ова на почетокот и покрај критиката од Европскиот парламент. Г20 се занимава со глобални проблеми и интереси, не со повреда на човековите права во Саудиска Арабија. 

Престолонаследникот Мохамед прифати една од темите да биде и „Оспособување на жените“. Работната група на Г20 треба да ги промовира можностите за кариерно напредување и образование на жените на глобално ниво. Со оглед на недостатокот на женски права и затворање на критички настроените жени во Саудиска Арабија, ова беше сериозно предмет на критика. 

Лина Ал-Хатлул, сестрата на затворената поборничка за човекови права Луџан Ал-Хатлул, за Дојче Веле вели дека немала никаков контакт со неа од крајот на октомври. Нејзината сестра штрајкува со глад бидејќи веќе не може да издржи во затворот во кој е речиси три години. Морална обврска на Г20 партнерите на Саудиска Арабија е да се зборува на оваа тема. Луџан Ал-Хатлул меѓу другото се залагаше на жените во Саудиска Арабија да им се дозволи да возат автомобили. Престолонаследникот Мохамед во меѓувреме го одобри тоа, но казнувањето на активистките за женски права и понатаму продолжува. 

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија