1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грција преживеа за да пропадне некој друг ден“

Јенс Корте / Симе Недевски19 јуни 2012

По изборите во Грција изостана хаосот на пазарите на акции од кој се стравуваше. Но, нема ниту еуфорија, пред се’ не на Вол Стрит. Како реагира „мајката на берзите“ на изборните резултати во Грција?

https://p.dw.com/p/15Hab
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грција преживеа за да пропадне некој друг ден. Ова на денот по изборите во Грција го напиша новинската агенција Блумберг.  Опасноста е одложена, но не и отстранета, гласеше заклучокот во финансискиот дистрикт во Њујорк. Тоа наликува на американски турист на патување во Европа, вели Николас Колас, главен стретег на Конвергекс групата во Њујорк: „Тоа е како со патувањата во Европа, кои Американците толку многу ги сакаат - седум земји, за седум денови. Берзите едноставно се загрижени околу турата низ европските главни градови, зашто воопшто ништо не е решено“.

Повеќе простор за Федералните резерви

Во изминатите денови во финансискиот печат најмногу кружеше зборот - хаос. Бројни централни банки во светот се претставија борбено пред изборите во Грција. Јапонската, британската, швајцарската и други централни банки во Европа, говореа за координирани акции доколу Грција ги турне во хаос финансиските пазари. Тоа меѓутоа не се случи.  Луис Сулсенти веќе 25 години работи на берзанскиот паркет. Според него, со во основа не толку лошиот исход на изборите во Грција, сега е поневеројатна можноста за итна голема акција на централните банки. Тој верува дека сега централните банки и пред се’ американската - т.н. Федерални резерви, ќе си остават повеќе време.

Finanzkrise Griechenland 2011_3
Фотографија: fotolia/DW

„Еврото нема да пропадне“

Толку вистински среќен изгледа дека не е никој на Вол Стрит. Трговецот со акции Стивен Галфојл не е многу изненаден од актуелниот развој на настаните. „Веќе во изминатите недели се навестуваше дека конзерватиците ќе победат во Грција. Соодветно на тоа сега се бележат добивки на берзата“.

Само индексот Дау Џонс во изминатите две недели забележа раст од речиси 650 поени. Меѓутоа Стивен Галфојл упатува и на проблемите во Шпанија и во Италија. Поради тоа оптимизмот на берзанскиот паркет се држи на сламка. Со изборниот исход во Грција барем е купено време. А, за колапс на еврозоната и без тоа никој не сака да размислува: „Еврото нема да пропадне“, вели Стивен Галфојл. „Една или две земји можеби ќе излезат од еврозоната, но повеќе од тоа нема да се случи“. Турата низ Европа значи продолжува и натаму. А, во однос на Грција на Вол Стрит се‘ почесто се поставува прашањето - дали еден ужасен крај не е подобар од ужас без крај?