1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција меѓу надежта и стравот

Јанис Пападимитриу / ЕМФ8 септември 2016

По долгата летна пауза грчката влада ветува итни реформи и се надева на нова помош. Но, добива и опомена да го спроведе она што го ветила.

https://p.dw.com/p/1JxBe
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Костас Јанопулос, основач на хуманитарното здружение „Детска насмевка“, е на крај со трпението. Информатичкиот инженер веќе 20 години им помага на децата во нужда во Грција, постојано се бори против бирократијата и немањето пари. За време на бегалската криза грижите се зголемија: само во пристаништето во Пиреја имаше 60 лекари доброволци од неговото здружение, кои работеа непрекинато. Од државата речиси и нема благодарност. Но, затоа има сметка од над 53.000 евра. Причина: и хуманитарните организации во кризната Грција мора да плаќаат полн износ данок на недвижности (ЕНФИА), воведен во 2012 година. А, левичарскиот премиер Алексис Ципрас додека беше во опозиција цврсто вети дека ќе го укине омразениот данок. Но, данокот остана и го притиска здружението, кое речиси исклучиво се финансира од донации. И, тоа не е изолиран случај. И СОС-селата во меѓувреме се жалат на ЕНФИА-данок во висина од 92.000 евра.

„Големиот даночен товар нѐ спречува да им помагаме на децата“, вели Јанопулос во разговор за ДВ. Тој го наведува и следниот пример: во вториот по големина грчки град - Солун, еден богат граѓанин изразил подготвеност на здружението „Детска насмевка“ бесплатно да му отстапи на одредено време повеќекатница, во која би можеле да бидат згрижени над 50 деца. Но, човекот си ја повлекол понудата откако добил ЕНФИА-известување дека ќе треба да се платат над 50.000 евра. Двојното оптоварување - откажување од пари од станарина плус висок данок на недвижности, му било премногу. Јанопулос објаснува дека од владата прво му рекле оти ЕНФИА-данокот ќе биде проверуван во случаите на хуманитарните здруженија, но од тоа по сѐ изгледа нема ништо.

Прием на Ципрас со демонстрации

Уште полут на Владата е пензионерот и поранешен полицаец Христос Фотопулос. Чуварите на редот припаѓаат на групата најголеми губитници од кризата. Тоа 59-годишникот го знае од сопствено искуство. „По цели 40 години работа, се пензионирав во 2015-та. Да немаше криза, денес ќе примав пензија од 2.000 евра“, вели Фотопулос за ДВ. Наместо тоа, по неколкуте рунди кратења, тој добива 1.295 евра. Во октомври претстои ново кратење. Тогаш тој веројатно ќе има нешто малку повеќе од 1000 евра. Тоа го лути најмногу: „Оваа влада попусто ни ветуваше дека веќе нема да има кратења. И претходната влада не можеше да си ги исполни ветувањата. На тој начин политичарите губат веродостојност. Ќе беше подобро ако уште од почеток ни ја кажеа вистината.“

Додека работел Фотопулос бил активен синдикалец, дури извесно време и шеф на синдикатот. Тој не губи надеж дека неговите колеги сепак ќе бидат слушнати од владата. Викендов, во секој случај, во Солун има протести на полицијата и армијата. Таму, на отворање на саемот за трговија, се очекува премиерот Ципрас. Демонстрантите сакаат да го потсетат премиерот на неисполнетите изборни ветувања. На протести повикаа и пезнионерските здруженија.

Ципрас, пак, и натаму шири оптимизам, и тоа не само пред кредиторите. Во вторникот (6.09) од владини извори излезе информацијата дека има увереност оти ратата од 2,8 милијарди евра есенва ќе биде префрлена во Атина според планираното. Европските министри за финансии пред летната пауза за Грција одобрија 10,3 милијарди евра. Тоа беше првата транша од новиот пакет за помош во висина од 86 милијарди евра. Но, кредиторите тогаш не сакаа да ја префрлат целата сума, туку само 7,5 милијарди евра. Остатокот од 2,8 милијарди евра од таа транша треба да следуваат во текот на овој месец, откако грчката влада ќе спроведе 15 реформски зафати. Од нив досега се исполнети само два.

Griechenland Athen Parlament Alexis Tsipras
Премиерот Ципрас во Солун ќе биде пречекан со протестиФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Сѐ повеќе заостанати обврски

Во меѓувреме, заостанатите финансиски обврски кон државата го достигнаа новиот тажен рекорд. Според најновите податоци, објавени во понеделникот, кон државата се неисполнети финансиски обврски од над 90 милијарди евра. Доколку продолжи осеката во државните приходи, левичарскиот премиер Ципрас ќе мора да прави болни буџетски корекции. Грција на тоа се обврза пред кредиторите. Многу работи зависат од очекуваните три милијарди евра дополнителни приходи за државата од ЕНФИА-данокот на недвижности. Што да се прави? Ова прашање си го поставува и Костас Јанопулос: „Пред неколку години, уште пред последната смена на власта во Атина, се спротивставивме да го платиме ЕНФИА-данокот. Потоа ни ја блокираа сметката. Се разбира, тоа исто така не е опција за нас“, вели шефот на „Детска насмевка“.