1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150611 Schwarzgeld nach Athen?

16 јуни 2011

Економската и општествена криза во Грција, поради презадолженоста, може да ги отвори ширум вратите на организираниот криминал, како што тоа веќе се случува во Мексико или дел од земјите на истокот и југот на Европа.

https://p.dw.com/p/11atV
Das gestellte Symbolfoto zeigt Euro-Scheine, die zur Wäsche in eine Waschmaschine gesteckt werden, aufgenommen am 11.12.2008 in Frankfurt (Oder) (Illustration zum Thema Geldwäsche). Foto: Patrick Pleul +++(c) dpa - Report+++ pixel
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Експертите предупредуваат дека мафијашките структури можат лесно да ја исползуваат кризата во Грција за перење пари преку вложување во недвижнини, фирми и разни фондови. Тие неодамна се собраа во Берлин на конференцијата организирана од германската Фондација „Хајнрих Бел“.

Американскиот експерт Едгардо Бускаља смета дека длабоката криза што ја зафати Грција ја прави земјата автоматски многу интересна за меѓународниот криминал.

„Грција е земја која страда од огромна економска криза, која се претвора и во општествена, а исто така и во политичка криза. Меѓународните криминални структури ја користат ваквата ситуација, бидејќи цените на недвижнините паѓаат, така што наскоро сомнителни инвеститори почнуваат да купуваат недвижнини, трговски центри или пак се вклучуваат во банкарскиот систем. Грција мора да биде свесна дека е изложена на огромен ризик!“

One man delivery to other man a suitcase © Carlson #20387879 fotolia 2011
Фотографија: fotolia

Потребна навремена акција

Германскиот експерт за борба против организиран криминал, Јирген Рот, се чуди што грчките власти уште сега не се занимаваат поинтензивно со опасноста од инфилтрирање на валкан капитал во земјата. Притоа се знае дека во Грција веќе вложуваат мафијашки структури од Италија, или дури и од Кина. Организираниот криминал не ги вложува парите директно во Грција, туку наоѓа други канали:

„Времињата кога некои луѓе минуваа граници со големи куфери пари, се минати. Тоа се повеќе исклучоци, отколку правило. Сега за да се открие потеклото на капиталот треба да се вложат многу поголеми напори, но тоа не го прави никој“, критикува политикологот од Берлин, Регине Шенебергер.

Криминал преку интернет

Според неа, темните зделки сега се одвиваат преку интернет. Прво што е притоа потребно е број на конто во некоја банка, што лесно може да се добие, на пример во Русија, и тоа без да се знае под чие име се води контото. Потоа, со помош на тоа конто се отвора интернет-банка и преку неа се врши трансфер на парите по желба. Само неколку часа подоцна овие банки се затвораат на интернет и тешко е да им се влезе во трага.

Euro Geldscheine mit Klammern an Wäscheleine vor Blau
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Шенебергер додава дека кај политичарите недостасува волјата да се следат трагите затоа што ним во кризните времиња добро им доаѓаат странски инвестиции. Тоа го зголемува бројот работни места во земјата. А и банките и претпријатијата во таквите земји се радуваат кога ќе влезе нов капитал.

Примери и во Европа

Примери за вакво перење пари има во Мексико, но исто така и во Европа, порачува експертот Јирген Рот:

„Мислам на Романија, на Бугарија, Црна Гора, но исто така и Македонија или Полска. Ако се сетите, во Полска поранешниот министер за спорт беше финансиран од мафијата Пушков, а премиерот на Црна Гора имаше врски со мафијата во Неапол. Значи, во политичките тела седат луѓе кои имаат директни врски со фигури од подземјето“, појаснува Јирген Рот.

Последиците по земјите кои се жртви на ваков дотур на нечист капитал се огромни и далекусежни. Прво, корупцијата е во драматичен пораст, потоа опаѓа вредноста на правосудните органи и на парламентите, а животниот стандард на граѓаните постојано се влошува, објаснува германскиот експерт Јирген Рот.

Автор: Панајотис Купаранис / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски