1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски пратеници лобирале за Груевски и за Азербејџан

ЖА / ФАЦ
22 март 2021

Група западноевропски пратеници, меѓу кои и германскиот пратеник од владејачката ЦСУ, Тобијас Цех, активно го поддржувале Никола Груевски, а дел и – режимот во Азербејџан, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/3qxM4
Berlin Bundestag  Tobias Zech CSU MdB
Фотографија: Christian Spicker/imago images

Случајот на судир на интереси кај германскиот пратеник од ЦСУ, Тобијас Цех (на насловната фотографија) и неговата оставка по обелоденувањето дека лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски во 2016 година, за што добил 50.000 евра, уште е актуелен во германските медиуми. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текстот под наслов „Еден ЦСУ-лобист за Северна Македонија“, на викендот разоткрива дека Цех не бил осамен лобист, туку дел од мрежа западноевропски пратеници, од кои дел, покрај во корист на Груевски, биле обединети и во лобирање за азербејџанскиот режим.

„Меѓу оние кои есента 2016 година го поддржуваа Груевски, има упадливо многу политичари кои играат улога во друга афера, која моментно ја оптоварува пратеничката група на Унијата во Германија (ЦДУ/ЦСУ): влијанието на авторитарниот режим во Азербејџан врз одлуките во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Повеќе на темата:

Поради лобистот на Груевски и аферата со маските - вонредна седница на претседателството на ЦСУ

Цех за лобирањето за Груевски: Политички недозволиво однесување

Германски пратеник поднесе оставка затоа што лобирал за Груевски

Изборна пропаганда во Скопје (во корист на Груевски, н.з.) вршеше и пратеникот во Бундестагот од ЦДУ, Аксел Фишер, против кого германското државно обвинителство води истрага во т.н. Азербејџанска афера поради постоење сомнеж за поткуп.

Фишер бил клучна фигура меѓу групата пратеници од различни западноевропски земји, кои со години на ред го земаа во заштита Азербејџан против обвинувањата за кршење на човековите права и изборни манипулации.

Цех од 2014 до 2018 година припаѓаше на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, многумина таму во него гледаа десна рака на Фишер.

Кога Фишер на почетокот на 2016 година стана претседавач со пратеничката група на Европската народна партија во Генералното собрание на Советот на Европа, побара да го следи и Цех, како заменик претседавач на Генералното собрание. За пријателите на Азербејџан тоа беше важна функција: во претходните години тие консеквентно работеа на создавање мнозинство во телата во кои се одлучуваше дневиот ред на Генералната асамблеа“, пишува ФАЦ, продолжувајќи:

„Сѐ до неодамна, Цех на пример во врска со конфликтот во Нагорно Карабах постојано се изјаснуваше во прилог на азербејџанската влада. Непосредно по почетокот на борбите во областа есента минатата година, тој се сретна со азербејџанскиот амбасадор во Берлин, а според соопштение на амбасадата, тема на разговорот бил токму конфликтот. Во комисија на ЦСУ, Цех би испрашуван околу можни врски со Азербејџан, според информации на ‘Франкфуртер алгемајне цајтунг’, тој негирал такво нешто.

Истата група пратеници од Шпанија, Белгија, Италија, Велика Британија и Германија, која во Советот на Европа се заложувала во корист на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, категорично застанувала и на страната на Груевски, кога тој во средината на 2015 година се најде под сѐ поголем внатрешнополитички притисок по обелоденувањето дека во време на неговото владеење, ијадници лица во Македонија, меѓу кои и политичари, новинари и дипломати, систематски биле нелегално прислушувани.

Овие пратеници во мај 2015 година иницирале повик во кој барањата за оставка на Груевски се означени како ‘обид за недемократско преземање на власта’. Меѓу потписниците на прогласот се и Аксел Фишер и Тобијас Цех.

По промената на власта во Северна Македонија, летото 2017 година беше објавен документ кој покажува со какви средства Груевски и неговата партија организирале лобисти.

Станува збор за договор меѓу владата во Скопје (која во време на склучувањето на договорот во октомври 2016 година беше водена како техничка од страна на човек од доверба на Груевски) и конзервативниот британски пратеник Роберт Волтер, долгогодишен поборник на азербејџанскиот режим, исто како и на Груевски. Волтер според договорот се обврзал за 7.000 евра месечно да лобира за Северна Македонија. Во извештај за својата активност, од кој цитира тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност, Волтер признава дека на македонската делегација во Стразбур ѝ помогнал со поддршка при изборот на кандидат на владата за судско место во Европскиот суд за човекови права. Поаѓајќи од ова, би било интересно да се знае  во што конкретно се состоеле советодавните услуги на фирмата на Цех за партијата на Груевски“, заклучува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.