1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски: Сечии активности се добредојдени доколку се добронамерни

ЕМФ/миа3 септември 2013

Македонскиот премиер Груевски изјави дека не може да даде никаква оценка во врска со тоа што се разговарало на средбата на Ахмети со шефот на грчката дипломатија Венизелос, бидејќи се‘ уште немал средба со лидерот на ДУИ

https://p.dw.com/p/19amf
Фотографија: MIA

Премиерот Никола Груевски денеска (03.09) рече: „Генерално можам да кажам дека секој еден што чувствува дека на кој било начин може да придонесе и да помогне, неговите активности се добредојдени се‘ додека тие се добронамерни“.

Според информација од кабинетот на специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, тој ќе го посети регионот од 9-ти до 11-ти септември. Нимиц во Атина и Скопје ќе се сретне со владините претставници на двете земји, со цел да продолжат дискусиите околку изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот името, се наведува во кусото соопштение од кабинетот на Нимиц.

Претходната посета на медијаторот на двете земји беше на почетокот од годината, но истата не донесе забележителни резултати. Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во Атина се сретна со шефот на грчката дипломатија, по што соопшти дека посредникот на ОН Метју Нимиц наскоро ќе го посети регионот.

Инаку, македонскиот премиер Никола Груевски, денеска околу неговите очекувања по упатеното писмо до еврокомесарот Штефан Филе за извештајот за Македонија, нагласи дека нема што да додаде, но чувствува оти како претседател на Владата требало и формално гледано да го извести за она што се случи.

„Секако дека тој беше известен и од разни други канали, но мислев дека не е лошо и јас да го направам тоа“, рече Груевски.

Во однос на извештајот на ЕК, тој потенцира дека „Македонија прави се‘ што е во нејзина моќ тој да биде што е можно попозитивен, но крајниот збор ќе го има Комисијата“.

Македонскиот премиер Никола Груевски вчера го информираше еврокомесарот за проширување Штефан Филе за донесувањето на извештајот за случувањата од 24 декември. „И покрај тоа што претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на чинот на потпишувањето на извештајот ставија забелешки, односно несогласување за правните квалификации искажани во истиот, би сакал да истакнам дека целосно застануваме на имплементирање на препораките содржани во извештајот“, нагласува во своето писмо македонскиот премиер, потсетувајќи дека веднаш била формирана и работна група за спроведување на препораките од извештајот. Груевски на крајот од писмото додава дека земјата очекува и соодветна валоризација на напорите во претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, како и скорешен датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија.