1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски под критика: Избор на ИК или редење лего - коцки?

31 јули 2017

„Груевски си пукаше во нога“, „само тој ли е безгрешен?, се најчести реакции меѓу членството по изборот на нов состав на ИК. Од базата велат дека ваквите експерименти ќе се одразат на исходот од локалните избори

https://p.dw.com/p/2hQBv
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Бројни реакции и разочарување предизвика првото „освежување“ во ВМРО- ДПМНЕ, кое партискиот лидер Никола Груевски го најави во јуни, на 27-от роденден на партијта. Неговите планови за реформи и за нови кадри кои би придонеле партијата повторно да се врати на власт, започнаа дури откако се појави Иницијативата за реформи на ВМРО -ДПМНЕ, покрената од партиски членови кои го критикуваа начинот на кој се избираат партиските органи и централизираното  функционирање на партијата. Првиот чекор - промените во Извршниот комитет, наидоа на разочарување - не само во партијата, туку во пошироката јавност.

Груевски си пукаше во нога“, „обична козметика“, „само тој ли е безгрешен?- се најчестите реакции меѓу членството.  

„Промените во составот на Извршниот комитет покажаа дека ништо не се сменило - ни во начинот на 'избор', ни во навиките на партискиот претседател. Нема разлика дали се бира ИК или се редат лего коцки“, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Груевски доцнел три часа, што го сметаат за негова позната тактика и досега, со цел да ги измори луѓето, за да немаат волја за дискусија. Централниот комитет кој ги избира членовите на Извршниот комитет, не бил во полн состав кога одлучувал, а Груевски само ги прочитал имињата на новите членови на ИК, но без да каже кои отпаѓаат, па во почетокот се случила и конфузија по тоа прашање.

Сите заминуваат, тој останува

Извесно е дека од ИК заминуваат долгогодишните членови и блиски соработници на Груевски, токму оние против кои се водат најкрупните случаи на СЈО - Миле Јанакиески, Гордана Јнакулоска, Мартин Протогер, Владимир Пешевски...

Иако се водат истраги и против пратениците Илија Димовски, Даниела Рангелова и Антонио Милошоски, тие остануваат на функциите, заедно со партискиот лидер Никола Груевски, кој е опфатен со неколку предмети на СЈО. Иако Сашо Мијалков наведе дека се повлекува од функцијата се додека не се добие разрешница на судските процеси кои се водат против него, од ВМРО- ДПМНЕ тврдат дека промените во ИК не се поврзани со истрагите. За нов генерален секретар, партијата го избра директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски. Претходно таа функција  четири години ја извршуваше Емил Димитриев.

Сепaк, најголеми критики доживеа изборот на Богдан Илиевски-Бетмен за член на ИК. Тој беше еден од предводниците на протестите што ги организираше т.н. граѓанска иницијатива „За Заедничка Македонија“, а кои завршија со упадот и крвавиот четврток во Собранието, на 27-ми април.

„Го седнаа Бетмен во ИК. Па нели тој не беше партиски член, нели беше граѓански активист? Добро е да се знае дека го избрале него и дека ги оставија по судови да се влечат оние членови кои гинеа а партијата, а сега се обвинети за настаните на парламентот. Со ова Груевски самиот си пукаше во нога“, критикуваат партиски членови.

Дел од нив, пак, сметаат дека токму со вклучувањето на Илиевски во ИК, Груевски сака да го пренасочи незадоволството од себе кон него, со оглед дека најголемиот број критики дека „ги оставил на цедило“ ги добивал од партиски членови кои беа активни во т.н. македонски патриотски здруженија и добија пријави по 27-ми април.

„Ако мисли дека си обезбедил нова адреса за критики, се лаже. Рибата смрди од главата“, коментираат тие.     

Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Казната ќе стигне на локалните избори?

Критики стигнаа и од Форумот на слободоумни патриоти, кој го осуди „последниот кукавички чин на Никола Груевски“.

„Со ваквата постапка НиколаГруевски уште еднаш покажа дека во суштина не знае што значи зборот демократија. Смената на Извршниот комитет на партијата која е направена без дебата внатре во самата партија, е уште еден доказ дека на ВМРО -ДПМНЕ и е неопходна демократизација. Редно е да прекине своите другарчиња да ги става во ИК и тоа да го прикажува како некакво си освежување. Груевски, време е да си заминете од челната партиска позиција и да овозможите организирање на Конгрес, на кој, покрај усвојувањето на нова партиска доктрина треба да се случат и промени на Статутот на партијата“, се вели во реакцијата на Форум на слободоумни патриоти, чиј претседател е Владимир Змејковски.

Според извори во партијата, ваквите „промени“ уште повеќе ќе го зголемат незадоволство во партијата. Тврдат дека „поздравот од членството“ Груевски ќе го добие на локалните избори.

Разочарување и критики за „освежувањето“ во партијата изразија и претставниците на  Иницијативата за реформи на ВМРО -ДПМНЕ.