Груевски му нуди лидерска средба на Црвенковски
21 јануари 2013Според предлогот на премиерот Груевски средбата би се одржала утре во клубот на пратениците во Скопје со почеток во 13:30 часот. На средбата би се разговарало за изнаоѓање решенија за политичката криза и за учество на Социјалдемократскиот сојуз на претстојните избори.
Во поканата која Груевски ја испратил до Црвенковски пишува дека средбата е во контекст на предизвиците кои се поставени пред државата, а кои бараат одговорно и сериозно поставување, внимание и заштита на државните интереси, како и на интересите на сите граѓани на Република Македонија
„Република Македонија во рамките на својот државно-правен развој се соочувала со предизвици од различен карактер, кои со мудро и одговорно однесување успевала да ги надмине и да извлече позитивни пораки, а притоа и да стане посилна“, истакнува Груевски во поканата.
Засега нема потврда од СДСМ дали ја добиле покана и како ќе одговорат. Потпретседателот на партијата Гордан Георгиев на вчерашната прес-конференција изјави дека СДСМ би учествувал на евентуална лидерска средба, но оти таа би требало да биде иницирана од власта.
Премиерот Никола Груевски вчера најави дека би можел да свика лидерска средба како излезно решение за кризата
Поканата за лидерска средба следи откако СДСМ заедно со другите партии од Сојузот за иднината, блокираа крстосници во Скопје и во другите градови низ Македонија, организираа граѓански парламенти, на кои го искажуваа незадоволството од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери. Ова се случува секојдневно по 24 декември, кога опозициските пратеници беа исфрлени од собраниската сала, а истовремено беа отстранети и новинарите од галеријата. Од тогаш, СДСМ и другите опозициски партии, освен ДПА, не учествуваат во работата на Собранието.