Груевски и Црвенковски не постигнаа договор
22 јануари 2013Како што изјави Груевски по едночасовната средба, Црвенковски настапил со ултиматум и го повторил барањето за одржување превремени парламентарни избори заедно со локалните, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо. Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е ниту за тоа парламентарните избори да се одржат истовремено со претседателските. ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локалните избори, бидејќи, како што наведе, СДСМ не е единствената опозициска партија во Македонија.
Лидерот на СДСМ Црвенковски, пак, изјави дека остануваат на ставот за предвремени парламентарни избори и само во тој случај би се вратиле во Собранието. Ако нема парламентарни избори, СДСМ не се враќа во Парламентот и нема да учествува на локалните избори, рече Црвенковски. Според него, Груевски денеска настапил како ништо да не се случило на 24 декември. Предложил опозицијата да се врати во Собранието и дијалогот да продолжи онаму каде што застанал на 24 декември. Црвенковски смета дека Македонија се наоѓа во политичка криза и оти излез од неа се парламентарни избори на кои граѓаните би решиле во кој правец државата ќе оди во наредниот период.