Грдата страна на политиката
31 март 2009Група млади луѓе се собраа да протестираат против изградбата на црква на плоштадот, но беа нападнати од побројна група на контрапротестанти. Насилното запирање на протестот е оценето како удар врз демократијата. Правото на мирни демонстрации е основна придобивка на секоја демократија, сметаат претставниците на меѓународниот фактор во Македонија.
Амбасадорите на САД, Европската унија и ОБСЕ бараат казна за виновниците. „Ако се открие дека се активисти на која било партија, треба да бидат избркани од неа веднаш, а тие настани треба да се осудат. Мирните протести се нормален дел на секоја демократија”, вели евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере и додава дека инцидентот ја покажува грдата страна на македонската политика. За американскиот амбасадор, Филип Рикер е вознемирувачки и срамно што група насилници си земаат право да употребат сила и да спречат протест против планот на владата за градење: „Време е да се покаже политичка зрелост, да се изнесат пред правдата одговорните за тоа и да се дозволи мирно изразување на мислењата на луѓето во оваа демократија”, изјави американскиот дипломат. Амбасадорот на ОБСЕ, Хозе Луис Хереро го осуди инцидентот како неприфатлив: “Во општествата кои се во транзиција, како што е случајот овде, луѓето треба да направат напор за да ги одбегнуваат радикализацијата и екстремизмот“, вели амбасадорот на ОБСЕ.
Реагираат и невладините организации
Освен демократскиот капацитет, саботниот инцидент отвора и други дилеми - за секуларниот карактер на државата загарaнтиран со уставот и за човековите права на одделни групи граѓани. Се огласија невладините организации.
„Нас не‘ викаа шиптари, не‘ викаа педери, наркомани, лезбејки и комунистички свињи“, изјави Кочо Андоновски од Асоцијацијата за слободна сексуална ориентација.
Инцидентот ги подели и универзитетските професори. Се конфронтираа професорот Ванчо Мускатов и ректорот на универзитетот Велимир Стојковски:
„Универзитетот не може да остане надвор, и покрај збиднувањата политички и какви било други“, рече Мускатов, кој вели дека оние што протестирале се „наши студенти пред се‘“. На ваквиот став на Мускатов, Стојковски одговори: „Професоре, политиката оставете ја надвор. Ние сме автономна институција. Држете се до автономијата и до работењето на универзитетот. Тоа што се случува надвор, на улица, не е работа на универзитетот во овој момент.“
Опозициската СДСМ обвини дека пратеници на ВМРО ДПМНЕ биле потткикнувачи на насилството, а владеачката партија најави дека ќе ги исклучи сите кои се вмешани во инцидентот. Полицијата синоќа (30.03.2009) соопшти дека идентификувала 20-мина од напаѓачите.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска