1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните „коленичат“ пред шалтерите

14 декември 2009

Оддалечување и независност од политичките моќници, обуки и напредување во кариерата според искажаните резултати во работењето – тоа ќе треба да бидат критериумите во реформите на администрацијата во Македонија.

https://p.dw.com/p/L1u4
Фотографија: Petr Stojanovski

До 7-ми декември годинава граѓаните во Македонија доставиле 3.300 претставки и поплаки до народниот правобранител на Македонија и неговите заменици во регионите. Во однос на истиот лански период за 500 такви акти повеќе. Граѓаните се жалат на работењето на судовите, разни министерства, на администрацијата – локална и државна.

Народниот правобранител Иџет Мемети вели: „Постои огромен ѕид во однос на тоа што значи политика и државна администрација. Тоа го создал законот за државни службеници, кој и тоа како ги ограничува овластувањата на државната администрација во однос на тоа што значи политика.“

Службениците не ги интересира оценката на граѓаните

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht
Фотографија: Petr Stojanovski

Мирјана Најчевска, професорка во Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања во Скопје, појаснува: „Кариерното напредување и наградувањата во администрацијата не зависат од ефикасноста, од она што го прави вработениот во администрацијата, туку од одредена политичка волја. Автоматски, оној што би требало, всушност, да зависи од оценката на граѓаните во однос на својата работа, всушност, тој не зависи од таа оценка и станува незаинтересиран.“

Чувство на инфериорност

Ана Павловска Данева, професорка по административно право на Државниот Правен факултет во Скопје, укажува на чувството на инфериорност кај граѓаните при секое нивно наведнување пред шалтерите и при секое нивно тропање на вратите на канцелариите на административците: „Нашите нови закони, да кажеме, овие кои се донесувани во последниве десеттина години, се современи и европски. Тие содржат норми, кои даваат основа граѓанинот да и се доближи на администрацијата, да може да гледа на неа како на свој рамноправен партнер во остварувањето на своите потреби, како некој што го плаќаме, за да ги реализира услугите, на кои имаме право, според законот. Меѓутоа, во практиката фактички тие закони не се остваруваат доследно и луѓето се чувствуваат се’ уште инфериорно при секое нивно стапување во управно – правен однос.“

Отсуствуваат заштитни механизми

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht
Фотографија: Petr Stojanovski

Најчевска посочува: „Отсуството на контролни механизми е тесно поврзано и со отсуството на заштитни механизми за самата администрација. Значи, таа сама по себе не е поставена во ситуација да биде независна од политиката и од самоволието на политичарите. Оттука автоматски не му е во интерес на ниту еден администратор да се залага навистина во извршувањето на своите работи.

Државната администрација треба да го подобри односот кон граѓаните

Уранија Пировска, портпаролка на народниот правобранител Мемети, прецизира кои констатации се извлечени од обраќањата на граѓаните до нив: „Државната администрација треба и тоа како да го подобри својот однос кон граѓаните. Тие имаат чувство на отуѓеност и правна несигурност. Нивната перцепција за државната администрација е многу негативна. Граѓаните и државната администрација се гледаат како еден вид опоненти.“

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht
Фотографија: Petr Stojanovski

Професорката Павловска Данева нагласува дека останува и натаму без ефекти една широко прокламирана активност на македонската Влада – спроведувањето на така наречената „регулаторна гилотина“, односно, сосечувањето на прегустата шума од напати сосема непотребни закони и подзаконски акти, низ кои не се гледаат правата и потребите на граѓаните: „Може ли управниот инспектор да го казни својот шеф, министерот за правда Маневски ?“

Колку се применува законскиот акт?

Професорката Павловска Данева, која е експерт за јавна администрација, укажува и на еден нов законски акт, усвоен во јануари годинава – законот за претставки и поплаки на граѓаните: „Всушност, тој овозможува секој граѓанин да се обрати со своја претставка на кој било начин – писмено или усно, до кој било јавен орган – министерства, локална самоуправа и во таа претставка да го искаже своето незадоволство, или својата обесправеност поради постапките на одреден службеник, или орган.“

Но, според Павловска Данева, практично, овој законски акт не се применува: „Навидум, ова вака звучи супер, но, не се применува. Надлежен за контролата на спроведувањето на овој закон е државниот управен инспекторат. Можете ли да замислите, кажете ми еден државен инспектор, вработен во Министерството за правда во споменатиот управен инспекторат, кој ќе му изрече казна, еве, да речеме, на својот министер Михајло Маневски? Тоа би било убаво да се слушне, но, во пракса тоа е апсолутно неизведливо барем во денешно време кај нас. “

Македонија има околу 120 – илјадна државна и друга администрација. Колку ќе биде таа поголема – а таков е моментниот тренд – колку ќе бидат подолги и административните процедури, толку ќе биде повисок и ѕидот меѓу администрацијата и граѓаните.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска