Границите на Балканот да не се чепкаат!
6 август 2010Се‘ погласните повици за нови историски договори и поделби се крајно опасни за иднината на целиот регион, вклучително и за Македонија. За среќа овие изјави не содржат во себе енергија што реално може да менува граници,повеќе служат за да кренат тензија на теренот со цел политички да се профитира. Вака аналитичарите кои ги анкетираше Дојче Веле ги коментираат изјавите на одредени балкански политичари кои деновиве со своите тези ја брануваа светската јавност. Освен тоа, овие ставови немаат меѓународна поддршка, велат нашите соговорници. Стево Пендаровски, поранешен советник за надворешна и безбедносна политика на шефот на државата, смета дека за стабилноста на регионот и за Македонија ќе беше понеповолно ако одлуката на Меѓународниот суд на правдата беше во полза на Белград.
„Не можам да видам дека ситуацијата во регионот по одлуката на Судот во Хаг се усложнува“, вели Пендаровски.
Евентуална поделба на Косово би била страшна за Македонија и катастрофална за Босна и Херцеговина, предупредува аналитичарот Алберт Муслиу. Но, и тој потенцира дека таквото сценарио е малку веројатно:
„Поделбата на Косово би значела иницијална каписла која во региот би донесла дестабилизација, а во Македонија комбинаторики за федерализација.“
Решението е во ориентација кон соработка во регионот
Сосема јасно и очекувано против променливоста на границите е позиционирано и официјално Скопје. Официјалниот став на Македонија што за Дојче Веле го соопшти владиниот портпарол Мартин Мартиновски гласи:
„Промените на границите на Балканот нема да придонесат за трајна стабилизација на регионот и негова европска и евроатланска интеграција. Решението за регионот не е во ирационалните политики кон некои важни граници, туку во обединувањето и заедничката соработка во европскиот регион, во кој границите нема да бидат важни.“
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска