1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Град против Скопје

10 мај 2021

Скопје се претвора во град на фавели, кои се прескапи и животно отепувачки, а сопствениците кои поседуваат парцели, генерираат колонизација и узурпација на имотот, и неконтролиран градски регрес. Пишува Александар Петров

https://p.dw.com/p/3tAmj
Aleksandar Petrov | Architekt aus Nordmazedonien
Фотографија: Privat

Зачетоците на урбаниот хаос се евидентираат во раните деведесетти години, со самото осамостојување на Републиката. Во отсуство на било каква станбена политика, животните потреби се прилагодуваа преку надградбите на поткровјата, а подоцна и со затворањето и доградбата на балконите и лоѓите.
Тоа беа инстант сигнали на слабост, во услови кога исчезна урбанистичкиот завод за планирање и сите пропратни бирократски алатки на организација на јавното земјиште. До тогаш и му се водеше некаква евиденција на ГУП-от, кој беше мегаломански со метаболистичка инспирација. 
Таквите микро интервенции почнаа да загризуваат од структуратa на Скопје, па затоа постоечките згради станаа карикатури, на чии модернистички рамни кровови, никнуваа селски куќи со баџи и керамиди. 

Во недостиг на еманципација и кооперација на станарите, зградите пропаѓаа, а се дополнуваа само надградбите, без никаква можност станбените единици целосно и усогласено да се реновираат и да создадат некаква трајна целина. Таквите крпеници се видливи и денес преку нарушената естетика, статика и несанкционирање, создавајќи маалска деградација. Периодот се карактеризираше со несоодветни мутации на постоечките резиденцијални згради, без притоа да се има строга стручна регулатива и етика. 

Постепено и неуко, градежната акција завземаше се поголем замав. На таквото одвивање на настаните влијаеа и губитничките политики на партизацијата и барокизација преку кои се изнајде начин за корупција. СК 2014 не го споменувам, за него веќе пишував во градот без љубов. 

На таков начин се случи преминот од куќарка до куќарка, во лепенка до лепенка. Најинтересно е што планерите го преспаа целиот процес на узурпација и без грижа на совест си обработуваа парцели по најмал можен отпор. 

Но најсакатото допрва не очекува. Сега се окрупнуваат празните парцели кои узурпираат пространства кои многу тешко ќе влијаат на целина, како што е поранешната фабрика Треска, вештачкото езеро во Сарај, Расадник во Кисела Вода и многу други. 

Типолошки монструми

Единствен концепт што се нуди за такви позиции се хибридни типологии, спој од мол и домување. Овие Типолошки монструми почнаа не само да ги окупираат празните простори, туку да ги девалвираат и постоечките со изразен идентитет, како Старата железничка станица, Стариот саем (кој патем го срушија), ТЦ Бисер, Карпош 3, и еве сега на паркингот кај Холидеј ин, исто така во непосредна близина на градскиот култ ГТЦ. Не би знаел која е економската оправданост на вакви импровизации по секој агол од градот, но во едно сум сигурен, во отсуство на било каква пописна датотека и конкретен пазар на недвижности, вакви финансиски маневри прераснуваат во „риалестејт" балон, урбан тумор кој почнува се повеќе да ни го узурпира секој заеднички содржател. 

Сопствениците кои поседуваат парцели, генерираат колонизација и узурпација на придобиениот државен или повратен имот и определуваат неконтролиран градски регрес. Агресивно делуваат против јавната целина и останатите приватни единки, непочитувајќи ги основните начела на животни услови и стандарди, кои секако се предвидени и загарантирани во современите општества.

Nordmazedonien I Plakatwand gegen illegale Verstädterung vor dem Regierungsgebäude in Skopje
Група граѓани веќе подолго време протестираат против незаконската урбанизација на СкопјеФотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

Таквата урбана каписла, во недостаток на личен капитал, ја зголемува цената на парцелата преку сомнителни инвестициски текови кои се спремни на се, само за да се дограбат до се поголем коефициент на изграденост.

Преку таквиот пристап длабоко загризуваат во шпекулативни и коруптивни привилегии.
Тоа го прикажува и неформалниот пазар на недвижнини кој е неопределен и обратнопропорционален од потребите на побарувачката. Изградено е премногу за да сето тоа чини по вистинска цена. Многу станови остануваат празни, еден вид на коруптивни бастиони, акумулатори на скриен капитал. (http://makstat.stat.gov.mk)

Од друга страна пак најзасегната побарувачка, во сооднос со можностите и потребите е скоро непостоечка и е главниот причинител за лошиот стандард, намалување на наталитетот, уништени бракови, емиграцијата… 
Со пропорционален сооднос помеѓу станбен кредит и реални примања, средната и движечка класа во општеството најмногу е погодена. Понудените живеалишта ниту имаат квалитет на типологија, ниту пак содржат било каков проектантски интегритет, со кој би можеле да парираат на евентуален вистински пазар, преку строго определени проектантски норми, принципи и стандарди. Станови што немаат вредност се продаваат и по трипати повисока цена. За алтернатива скоро и да не постои опција.

Новите фавели

И така во неопределен простор растат фавелите, кои за разлика од оригиналните се прескапи и пред се животно отепувачки. Самото немање на современи регулативи и параметри ги продлабочува административните и граѓански стеги.
Затоа се потребни афинитети, нужни за решавање на навидум нерешливото.
Како што урбанистичката, градежната и административна проблематика се повеќе се отвараат, така на површина ги исфрлаат талозите кои со години се акумулираа по сивиот простор. Затоа процесот на тековен развој се повеќе се отежнува, комплицира и компромитира, особено во актуелната ситуација кога не поседуваме кадар (Градоначалник), кој ќе знае да пристапи во една таква постоечка и проследена узурпација.

За да се постигне било каков напредок потребно е чинителите да соработуваат за да може да се развиваат етапно и паралелно, во еден јавен и правен процес, поткрепен со примена на современи технологии, поимања и знаења. Не е веќе пожелно тоа да биде само интерес на политичко толкување.

За среќа конечно сме во зародиш на една се поизразена граѓанска волја и активизам, кои ја брануваат и будат јавната и урбаната свест, која посочува и се бори за возможна норма, која од ден на ден се проширува и добива на значење.

Мора да се даде до знаење дека сепак живееме во демократија, а не во феудализам. (Земјопоседници без аграрна реформа, коишто приватната соптвеност не можат да ја согледаат подалеку од својот градежен пашалук). Дека сме свесни за концептите на климатските фактори и промени, природата, зеленилото, еко системот во кој се живее, загадувањето и пред се здравјето кое никогаш не било толку критично.
Затоа и следните избори ќе бидат зачеток на некоја алтернативна опција, засегната од својата неволја, опција на која и гори под нозете, која и тоа како ќе ги поместува границите на возможното.

Авторот е архитект

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи