Градоначалникот на Љубљана уапсен поради корупција
27 септември 2012Покрај Јанковиќ, уапсен е и неговиот син, бизнисменот Јуре Јанковиќ.
Националното истражно биро, заедно со полицијата и иследниците, извршија претрес на 23 локации во подрачјето на Љубљана, вклучувајќи ги и куќата на градоначалникот Јанковиќ, како и канцелариите на Градското собрание, пренесоа словенечките медиуми.
Полицијата сооопшти дека шестмина осомничени се притворени, во рамки на истрагата за стопански криминал и корупција, што траела 1,5 години.
Официјални лица во Љубљана потврдија дека градските канцеларии се претресени и запечатени и дека на вработените им било оневозможено да имаат пристап до работните места.
Претресени се и канцелариите на компаниите поврзани со семејството Јанковиќ, како и на фирмата „Греп“, што учествувала во изградбата на спортскиот комплекс „Стожице“.
Дневниот весник „Финанце“ цитираше неименуван полициски функционер кој изјавил дека цел на истрагата се трансакции во недвижности и деловни односи околу спортскиот комплекс „Стожице“.
Медиумите во август пишуваа дека Даночната управа го сомничи Јанковиќ за злоупотреба на службената положба, фалсификување на деловни книги и измама на кредиторите, потсетуваат словенечките медиуми.
Јанковиќ и неговата коалиција „Позитивна Словенија“ освоија најголем број гласови на парламентарните избори во декември минатата година. Јанковиќ, меѓутоа, не успеа да формира влада.