1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градежниците тријат раце, но внимателно со банките

8 март 2012

Позитивните финансиски извештаи на компаниите од градежништвото и фармацијата се во сенка на резултатите во финансискиот сектор. Намалените приходи на банките - сигнал за будност!

https://p.dw.com/p/14Gz1
Фотографија: Fotolia/m.schuckart

Позитивните финансиски извештаи за работењето на дел од македонските компании во 2011-та година е охрабрувачки сигнал кој дава надеж дека македонската економија е способна да ја преброди кризата без посериозни последици. Резултатите се позитивни и во голема мерка над очекувањата, посебно во градежниот и фармацевтскиот сектор. Сепак, експертите се внимателни и предупредуваат дека и покрај ваквата состојба постојат ризици главно поради влошените резултати во финансискиот сектор. Универзитетскиот професор Крсте Шајноски сугерира на будност, посебно кај монетарната власт:

„Според финансиските извештаи на комерцијалните банки, добивките во 2011 се помали од оние во 2010, како резултат на зголемените лоши пласмани и зголемените резервации по таа основа. Иако одобрените кредити се обезбедени со хипотеки, намалената наплата на овие пласмани ја намалуваат ликвидноста на банките, а тоа пак влијае на зголемување на цените на кредитите, односно зголемување на каматните стапки. Мислам дека оваа ситуација треба да биде будно следена од страна на монетарната власт, затоа што евентуално зголемување на каматните стапки би значело аргумент плус за намалување на инвестиционата активност во економијата, што секако негативно би се одразило врз растот на брутодомашниот производ“, смета Шајноски.

Symbolbild Schuldenkrise Europa Zerfallender Euro und EU-Fahne
Знаците на опоравување на европските економии нема веднаш да се почувствуваат во Македонија, предупредува МарковскиФотографија: picture-alliance/chromorange

Со сличен став е и Горан Марковски, директор на „КБ Публикум инвест“. За разлика од градежниот сектор кој во добар дел е стабилен и поради политиката на инвестирање на државата, останатиот дел од реалниот сектор, според него, се‘ уште е под влијание на случувањата во Европа како главен трговски партнер на Македонија. Сепак, тој предупредува на внимателност, бидејќи знаците на опоравување на европските економии нема веднаш да се почувствуваат:

„За тоа да се проследи и кај нас сметам дека ќе има одредено временско задоцнување, така што 2012 генерално гледано ќе биде година која во првиот дел ќе биде проследена со определени падови, што веќе се гледа со намалувањето на индустриското производство и извозот, кој значително е намален во однос на јануари минатата година. Сметам дека тие негативни тенденции ќе преовладуваат во првите шест месеци, кога би требало да дојде до стабилизација на домашните компании и постепено нормализирање, односно повторно враќање на нормални текови на раст“, очекува Марковски.

По објавените податоци за пад на извозот во јануари од рекордни 17% во споредба со истиот период лани, бизнис заедницата побара поддршка од владата со апел за поскора примена на системските мерки кои ги предлагаат за подобрување на конкурентноста на компаниите.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска