1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Гоце Делчев - биографија над балканските национални граници

4 февруари 2020

Ако го доживуваме Гоце Делчев како свој, тогаш треба да собереме на едно место сѐ што има врска со него! За да нѐ препознае и светот како негови. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3XFQj
Nord-Mazedonien Goce Delcev
Фотографија: Wikipedia/gemeinfrei

Денеска е 148-от роденден на Гоце Делчев. Еден век и половина! Од кои само мојата генерација речиси седум децении растеше со тоа име. Гоце Делчев е навистина синоним на македонската државност. Тој е најзначајната личност во модерниот македонски наратив. Тој има најголема симболичка моќ во културалното паметење на Македонците. Во модерните европски држави за такви личности би можеле да најдете, и во библиотеките и во книжарниците, неброени биографии, студии, истражувања. Тие, најчесто, се пристапни не само за научниците, туку за сите граѓани. Ако денес посакате на пријател, кој не знае ништо за основополжникот на идејата за самостојна македонска држава, да му подарите примерок на македонски, (а зошто не и на англиски или германски?) од една модерна, сеопфатна биографија на Гоце Делчев, каде ќе можете да ја купите таа книга во Скопје?

Од друга страна, знаете ли кои се темелите на сериозните и стабилни европски држави? Тие се нивните стари и богати архиви, во кои грижливо се документира и чува секој важен податок за нивната историја. Стабилните темели на таквите држави се нивните многубројни книжарници, нивните богати библиотеки, во кои е збрана сета култура на духот на еден народ. Државите најчесто се создавале со борба и крв. Меѓутоа, тие потоа се градат со силата на самосвеста за државотворност и заедништво. Државите, имено, почиваат и врз културното и духовно наследство. Силата на духот и писмото, кои го бележат и го чуваат културалното паметење на еден народ, е исто толку државотворна колку и законите. Како што во Македонија не се почитуваат законите, не се заштитува културното споменично наследство, така не се заштитува и негува ниту духовното. А духовното наследство е темелот на културалното паметење на еден народ. Тоа е темелот на националниот идентитет. Ако го доживуваме Гоце Делчев како свој, тогаш треба да собереме на едно место сѐ што има врска со него! За да нѐ препознае и светот како негови. Тоа најдобро се покажува со нашата грижа и макотрпна посветеност на тоа да ги собереме документите и раскинатите делови од неговата биографија на едно место.

Затоа што проклетството на балканската историја е што таа многу малку се грижи за личните биографии. Тоа е најдрастично кога се работи за биографиите од минатото на историската област Македонија. Биографијата на Гоце Делчев ја одразува историјата на Балканот и на Македонија во најдраматичниот период. Границите на актуелните национални држави, особено оние по Балканските војни, не дозволуваат да се сочува биографскиот континуитет на животната приказна на една историска личност. Тие, најчесто, ја „окупираат“ неговата биографија во тесниот корсет на својот национален наратив. Во него не се идеологозирани само историските настани и политичките движења. Во националните наративи се идеологизирани и биографиите и личните спомени. Затоа што принципот на националната идеологија, особено во европскиот деветнаесетти, како и во балканскиот дваесетти век, е селективното прикажување и толкување на историските настани.

Нашиот долг кон Гоце Делчев

Само модерната европска историска наука и теоријата на културалното паметење, кои инсистираат на неутралното предавање на историските факти и личности, овозможува еден ден да се „зацели", во националните граници „раскинатиот“ личен, биографски интегритет на историските личности како Гоце Делчев. Тој што ќе напише биографија на Гоце Делчев, која ќе  ја прикаже сложеноста на времето во кое живеел. Тој што ќе ја почитува полиперсепктивноста на политичкиот, религиозен, етнички и културен контекст во кој Делчев се воспитувал и работел. Тој научник ќе ја предаде целината на неговата биографија –над сите национални граници! Таква модерна биографија ќе покаже дека на научникот личноста и интегритетот на Гоце Делчев му е поскапоцена од секој национален наратив. Таквиот пристап би бил во склад со визијата на Гоце Делчев за светот како место за културен натпревар меѓу народите. И, секако, со визијата на европскиот проект на мирот. Визијата на Гоце Делчев за „културниот натпревар“ ја антиципира идејата на европското обединување половина век пред нејзиното пројавување по Втората светска војна. Кога сите три земји на Балканот – Македонија, Бугарија и Грција – навистина би биле свесни за духот на европскиот проект на мирот, тие би престанале да полемизираат за етничката припадност на Гоце Делчев, туку би  поддржале меѓудржавен истражувачки проект, кој би ја документирал, објективно и темелно – целината на неговата биографија. Тогаш тие би покажале дека споменот на Гоце Делчев им е драгоцен и свет. 

Нели му должиме на Гоце Делчев особено ние, Македонците, кои ја уживаат остварена неговата идеја за слободна македонска држава, барем една таква модерна биографија? Со нејзиното подготвување може да се нафатат повеќе млади научници, кои, најчесто, познаваат повеќе светски јазици, за да ги прегледаат материјалите во многу балкански и европски архиви. 
Самопрогласените патриоти немаат потреба од такви книги. Тие ја имаат својата митологија. Ама културалното паметење на Македонците, кое би требало да се раководи според европските стандарди на неутралното и критичко презентирање на историските факти и личности, не може да се збогатува без барем една модерна биографија на личноста со најголема симболичка моќ во македонската историја - Гоце Делчев.

Секако, во социјалистичка Македонија се напишани многу монографии за борците за национална слобода. Иако тие често се  пишувани во револуционерен патос и со изразит идеолошки поттекст, што е разбирливо со оглед на политичкиот контекст во кој беа создадени, тие, сепак, остануваат драгоцен документ. Меѓутоа, со нив не е завршена работата еднаш-засекогаш. Затоа е важно прашањето колку биографии и студии за Делчев се објавени во последниве две-три децении? Тогаш сите светски архиви беа станале достапни и за македонските научници. Ако Гоце Делчев и неговото дело се темелот на идејата за македонска држава, тогаш од моментот кога се прогласи самостојноста, требаше да постои посебен сеопфатен и долгогодишен проект за документирање, подготвување и објавување на сите архивски материјали, сведоштва и историски толкувања за неговата биографија. Огромните средства што беа потрошени за невкусните скулптури во центарот на Скопје, ќе беа доволни за да се испратат со научни стипении најталентираните млади историчари на истражувачки престои во најголемите светски архиви. А, за почеток, ќе беше доволно да се изготвеше долгорочен проект за консултирање на сета архивска граѓа во архивите на соседните балкански земји и во Турција.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.