1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гори зградата на парламентот во Триполи

21 февруари 2011

Во Либија растат протестите против претседателот Моамер Гадафи. Агенцијата Ројтерс јави дека зградата на парламентот во Триполи е во пламен, и дека во досегашните судири во главниот град загинале десетици луѓе

https://p.dw.com/p/10L5R
Фотографија: AP

Зградата на парламентот во главниот либиски град Триполи е во пламен, тврди агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на изјави на очевидци.

По градот Бенгази на истокот на земјата, судирите се проширија и во текот на ноќта се проширија и во Триполи, а повеќе арапски медиуми и западни агенции информираат за жестоки судири во центарот на градот.

Според арапската телевизија Ал Џазира, некои единици на армијата застанале на страната на демонстрантите. Полицајци во Бенгази исто така преминале на другата страна, откако се раширила веста дека Гадафи ангажирал платеници од други африкански земји, кои ги гонеле либиските демонстранти.

Unruhen in Libyen
Фотографија: AP

Во текот на ноќта синот на Моамер Гадафи, Сеиф ел Ислам предупреди од граѓанска војна. Противниците на режимот заземале воен контролен пункт и оружјето го имаат под своја контрола. Бројот на убиени Либијци изминатите денови, што го објавија странските медиуми е претеран, оцени ел Ислам. Не биле убиени 200 туку 84 лица.

За наредните денови тој најави историски реформи. Постои подготвеност да се разговара за некои точки од уставот и да се укинат рестрикции. Кои точно, не наведе. Исторвремено нагласи дека силите за безбедност, како и досега го поддржуваат татко му. Каде се наоѓа Моамер Гадафи, точно не се знае. Висок по ранг либиски дипломат за арапските телевизиски станици изјави дека водачот на револуцијата не е повеќе во земјата и дека е во бегство во Венецуела.

Племињата му откажуваат послушност на Гадафи

Портпаролот на едно од најголемите племиња во Либија, му се закани на Гадафи, доколку не престанат крвавите борби во рок од 24 часа, ќе го стопираат дотокот на нафта. Истовремено друго племе најави дека поради насилството, ќе му откаже послушност на Гадафи. „Стоиме на страната на демонстрантите“ се вели од кругови на племето. Кон кланот Варфала припаѓаат еден милион луѓе, односно околу една шестина од населението на Либија.

Libyen Muammar al-Gaddafi Proteste Demonstration
Уште колку ќе остане на власт? фото: Моамер ГадафиФотографија: picture alliance/dpa

Овие информации засега се од непотврдени извори, бидејќи во моментов нема независни известувачи во кризните региони во Либија. Вчера Либија се закани дека нема да ги прима повратниците бегалци, доколку Европската унија ги охрабрува демонстрантите да продолжат. Ова според агенцијата Ројтерс, му било пренесено на унгарскиот амбасадор во Триполи. И покрај ваквите закани на либиските диопломати, специјалниот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон повика на прекин на насилството во Либија и побара да започне дијалог.

Автор: Петер Штефе/Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски