1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема рација со десетици уапсени во Турција

ЖА/дв/дпа/афп/ап19 февруари 2013

По самоубиствениот напад врз амбасадата на САД во Анкара, турската полиција уапси 167 осомничени членови на левичарска екстремна организација. Терористичката група ДХКП- Ц ја презеде одговорноста за нападот.

https://p.dw.com/p/17hCG
Фотографија: Reuters

Двеипол недели по самоубиствениот напад врз американската амбасада во Анкара, турската полиција организираше рација низ целата земја, во 28 градови, во која безбедносните сили уапсија 167 лица. Специјалните единици на турската полиција во Анкара ја претресоа и централата на организацијата, „Револуционерна партија и фронт за народно ослободување“, која ги застапува службениците и соработниците на јавните служби. Меѓу обвинетите, според информациите на турскиот новински портал Бианет, се и државни службеници, како и висок функционер на синдикалниот сојуз КЕСК, критички настроен кон владата.

Милитантната организација „Револуционерна партија и фронт за народно ослободување“ на интернет ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад врз американската амбасада во Анкара, во кој напаѓачот со себе во смрт однесе еден стражар. Атентаторот долги години живеел во Германија а во Турција отпатувал кратко пред нападот. Турските политичари од владата затоа ги обвинуваат германските власти за недоволно енергично ангажирање против турските екстремисти во Германија.

На сметка на левоекстремистичката нелегална организација се става серија напади врз турските полициски станици. Таа се наоѓа и на европската листа на терористички организации, како и на американската.