1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата коалиција во Берлин е спасена - засега

Сабине Кинкарц
24 септември 2018

Случајот на шефот на германската разузнавачка служба Масен има нов развој. Тој сега нема да замине од функцијата за да биде унапреден, туку ќе биде (само) специјален советник во Министерството за внатрешни работи.

https://p.dw.com/p/35Nvb
Deutschland Koalitionstreffen im Streit um Verfassungsschutz-Präsident
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

На крајот сѐ одеше брзо. Третата кризна средба за само десет дена меѓу лидерите на ЦДУ, ЦСУ и СПД траше одвај половина час. Она што Ангела Меркел, Хорст Зехофер и Андреа Налес лично го „аминуваа“, веќе беше детално договорено во многу телефонски разговори зад кулисите. Зашто Зехофер јавно кажа дека ќе се сретне со Меркел и Налес само тогаш, кога во судирот околу смената на претседателот на Сојузната служа за заштита на уставниот поредок, Ханс-Георг Масен, ќе биде најдено солидно решение.

Меѓутоа, Зехофер постави високи услови за решение. Во интервју во саботата тој рече дека Масен е „многу компетентен соработник со интегритет“, нема направено грешки во извршувањето на работата и затоа за Зехофер е „необјасниво зошто СПД води кампања против господин Масен“. Тој нема да му даде отказ на никого „поради тоа што политичкото расположение и она на јавноста се завртени против него“, рече Зехофер.

Повеќе: Гнилите компромиси на коалицијата во Берлин

Нема унапредување, нема повеќе пари

Дали шефот на ЦСУ стравуваше дека СПД на крајот сепак ќе настојува на тоа 55-годишниот Масен да биде испратен во предвремена пензија? Дотаму не дојде. „Актуелниот претседател на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок Ханс-Георг Масен во иднина ќе работи како специјален советник во Министерството за внатрешни работи на ранг на раководител на оддел... и таму ќе биде надлежен за европски и меѓународни односи“, рече Зехофер по коалициската средба во Берлин. Освен тоа, државниот секретар од СПД кој всушност требаше да му го отстапи своето место на Масен во Министерството за внатрешни работи, сега останува на истото работно место.

Deutschland Spitzentreffen zu Maaßen in Berlin
Средбата на коалициските партнери во Берлин траеше само половина часФотографија: Reuters/F. Bensch

Зехофер, Налес, но и Меркел се под огромен притисок. Не можат да се разделат, зашто нови избори, со оглед на застрашувачките резултати во истражувањата на јавното мислење, би завршиле со катастрофа. Но, за да бележат заеднички успеси се премногу неединствени. Канцеларката избегна прецизно позиционирање во аферата Масен. Меркел делуваше без сила, изгледаше како само да го посматра судирот на Зехофгер и Налес. Веројатно и затоа што конфликтот меѓу неа и Зехофер, кој се зголемува со години, не е завршен.

На три недели пред покраинските избори во Баварија, ЦСУ има поддршка од само 35% од избирачите. За ЦСУ, која досега владееше со апсолутно мнозинство во оваа покраина, тоа е еднакво на политичка катастрофа. Деснопулистичката АфД, според анектите, во Баварија има доверба на околу 10% избирачи. ЦСУ стравуваше дека со отказот за Масен, АфД уште повеќе ќе зајакне.

Повеќе: Денеска отказ за шефот на германската тајна служба?

За шефицата на СПД, Андреа Налес, ситуацијата е уште потешка. Со најавата дека Масен мора да биде тргнат од функцијата, таа се „преигра“, дотолку повеќе што брзо стана јасно дека ќе наиде на бетон во редовите на ЦСУ. Кога минатиот вторник Налес се согласи со тоа Масен да биде тргнат од позицијата шеф на разузнавачката служба, но да добие унапредување во Министерството за внатрешни работи, тоа во нејзината партија, но и кај граѓаните, предизвика вџашеност и бран на огорченост.

Der Druck auf Hans-Georg Maassen, Präsident des deutschen Verfassungsschutzes wächst
Ханс-Георг Масен сепак нема да добие унапредувањеФотографија: Getty Images/M. Tantussi

„Направивме грешка“

За само три дена шефицата на СПД беше под толкав притисок, што мораше дури да стравува и за својата функција, но и за натамошниот опстанок на коалицијата. Налес се одлучи на бегство и во петокот со писмо ги замоли Меркел и Зехофер уште еднаш да расправаат за случајот Масен. „Направивме грешка“, изјави таа. За оваа политичарка тоа е навистина невообичаена формулација.

Дали сега грешката е поправена, останува да се види. Денеска Налес треба прво да им го „продаде“ компромисното решение на претседателството на СПД и на 45-членото партиско раководство, а попладнево и на пратеничката група на социјалдемократите.

Таму противниците на несаканата голема каолиција веќе имаат заземено позиција. Пред сѐ левото крило на СПД се обидува да го искористи скандалот за да ја уништи коалицијата.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ