1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на Шилер

10 мај 2005

Со голем број манифестации вчера во Тиринген беше посететно на 200-годишнината од смртта на Фридрих Шилер. Поетот почина на 9 мај 1805 година на возраст од 45 години. Присуствуваа гости од покраинската влада и градот Вајмар.

https://p.dw.com/p/AeUk
Шилеровиот дом во Вајмар
Шилеровиот дом во ВајмарФотографија: AP

Одбележувањето започна со увертирата од операта Вилхелм Тел на Росини. Поетот на слободата живееше 18 години во Тиринген, во Бауербах, во Јена и на крајот во Вајмар. Во тој период ги создаде најважните дела. Сојузната министерка за култура Кристина Вајс се спротивстави на поимот културна нација што се поврзува со Шилер. Низ овие 200 години овој поим беше користен во таканаречените неделни говори. Но, Шилер зборовите култура и нација ги разбираше како предизвик. Денес работата на културната нација е задача од европска димензија:

„Ако европското единство оди напред и духовно, тогаш мораме да работиме врз нашиот заеднички идентитет. За тоа ни е потребна културата. Значи, да работиме заедно за Европа на клутурни нации. Таа работа е духовна задача која никогаш не е завршена. Патот е цел и на тој пат Шилер ни подава рака„.

Говорот по повод годишнината одржа шилеровиот биграф Ридигер Сафрански. Со неговата книга „Шилер или откривањето на германскиот идеализам„ тој во минатите месеци предизвика посебно внимание. Сафрански се осврна на шилеровите мисли за слободата како проблем. Притоа, тој повеќе му веруваше на театарот, отколку на науката:

„Тој веруваше дека искуството на слободата е поблиску во театарот. Во театарот слободата е видлива. На бината, како и во животот, се дејствува, се носат решенија и во такви ситуации на решавање не се прашуваат гените, нервите или невроните„.

Шилер во неговите дела „Валенштајн„ и „Фиеско„ покажа дека човекот мора да реши, но дека притоа има повеќе можности:

„Шилер, ентузијаст на слободата, знаеше: не е само поединецот отворен и непресметлив поради неговата слобода, туку и историјата. Ниту Бог, ниту некој светски дух, ниту историските закони можат да ги направат пресметливи„.

Од германскиот национален театар прославата продолжи на улиците. Вајмарците го славеа до доцна во ноќта нивиот Шилер, со читања, концерти и театарски претстави. Шестнеделниот фестивал официјално ќе биде отворен в среда со претставата „Крадци и жандарми„.