1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

291298 Silvester Bleigießen

1 јануари 2010

Во Германија омилена традиција на Нова Година е претскажување со помош на олово. На свеќа се топи парче олово кое се фрла во сад со вода и од фигурите што настануваат се предвидуваат настаните во новата година.

https://p.dw.com/p/L3VG
Фотографија: picture-alliance / dpa

Стара ковачница сместена во просторот на музејот „Шверин Муес“. Жени, мажи и деца се туркаат во малата просторија. Жешко е, зашто над местото за оган се креваат пламени јазици. Пред огнот стои ковачот Ролф Ото и топи олово. Кај него можат да се растопат малите оловни фигури, кои подоцна ја претскажуваат иднината.

„Овде имаме сад со течно олово. Тоа ќе го држиме над тенџерето и полека ќе го истураме во него, така што оловото полека ќе се движи над водата и ќе се здрви на површината. Потоа го извлекуваме и го ставаме наредното парче олово во садот и го топиме на огнот. Да се завртиме кон она што го ставивме во водата. Веќе може да се насети дека од него ќе излезе нешто убаво.“

Bleigießen
Парчињата олово ја претскажуваат иднинатаФотографија: LVR

Кај седумгодишниот Никлас и неговиот три години помлад брат Хенрик веќе работи фантазијата.

„Изгледа како диносаурус, како кула која се искривила.“

Претскажувачка - етнолог

Сега се преминува на претскажување. Гезине Кренерт е етнолог, но за Нова година, секогаш во музејот во Шверин ја претскажува иднината. Среде просторијата седи на столче, зема парче олово в рака и го разгледува од сите страни. Никлас слуша напрегнато:

„Гледам мала птица со остар клун. Тоа значи дека понекогаш сакаш да помине по секоја цена по твое. Доколку не успееш во тоа, се лутиш и клукаш, клукаш, клукаш.“

Претскажувачката за момченцето има совет:

„Ако сакате мама да има за вас малку повеќе време, мора малку да и` помогнете. Можеби можеш нешто и да и` предложиш на мајка ти? (Дете: Знам еден предлог - да се омажи).“

На Кренерт за нејзните интерпретации потребен и` е всушност само здрав разум:

„Наместо две, треба да се имаат четири очи или шест уши. Уште додека се чека на луѓето, се дознава што им е важно, каде се ориентирани, детските усти се секогаш од помош, зашто тие издаваат по нешто, а потоа треба само да се собере ’еден и еден’. “

Се претскажувало од дамнина

Bleigießen
Некогаш за претскажување е потребно само да се имаат четири очи и шест ушиФотографија: LVR

Колку е стар обичајот на претскажување на иднината со олово, знае Паул Јансен, кој има напишано книга на таа тема:

„Најстарите корени се наоѓаат уште кај Грците и Римјаните, Во средниот век се проширило општото претскажување, кое не било ограничено само на определен ден и важело за суеверие. Подоцна, во новото време, популарно било да се претскажува кој ќе биде иден сопруг или сопруга, или следен љубовник.“

Традицијата се задржала до денес. Етнологот Кренерт понекогаш е зачудена колку вистина се крие во нејзините претскажувања:

„Еднаш се исплашив од самата себеси. Во фигурите од оловото видов брод и две фигури над него. И претскажав дека во годината што почнува, жената ќе има патување со брод и дека на тој брод ќе запознае некого. Доаѓа истата жена наредната година и замислете си - добила на наградна игра патување со брод и таму го запознала идниот сопруг, кого и го донесе овде да го запознаам.“

Автор: Феликс Хофман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев